Естонскиот министер за правда Кале Ланет одлучи да поднесе оставка поради корупциски скандал поврзан со изнајмување стан од неговиот посинок.
Тој рече дека по средбата со премиерката Каја Калас одлучил да не остане на функцијата министер за правда „за да обезбеди правна јасност и мир во работата во владата“, објави естонската државна телевизија ЕРР.
„Втората причина за мојата оставка е тоа што моите најблиски се на удар на јавноста, иако не го заслужија тоа“, рече Ланет.
Естонските медиуми претходно објавија дека Кале Ланет како министер за правда, а претходно како министер за одбрана изнајмил стан во Талин од својот посинок со народни пари.
За двата министерски мандати државата му плаќала сметки за кирија од над 12.000 евра.
Според шефот на антикорупциското биро на Централната криминалистичка полиција, Ајвар Сеп, Ланет го прекршил антикорупцискиот закон.
Минатата недела во јавноста протекоа информации за кавгата на Ланет со естонскиот јавен обвинител Андрес Пармас, кој го обвини министерот за мешање во работата на обвинителството и притисок врз главниот обвинител во обид да го принуди да ја напушти функцијата.