Во предлог-резолуцијата на Европскиот парламент, која ексклузивно ја објави Нова.рс, експлицитно се бара да се покрене независна меѓународна истрага за изборите во Србија. Дополнително, се наведува дека е неопходно да се испрати независна експертска мисија.
Членовите на Европскиот парламент ја подготвија Резолуцијата за Србија, која следеше по изборите за кои многу меѓународни набљудувачи оценија дека се нерегуларни.
Во текстот на документот, кој ексклузивно го објави Нова.рс, во точката четири се бара независна меѓународна истрага од страна на меѓународни правни експерти и институции за нерегуларности на парламентарните, покраинските и локалните избори, со посебен осврт на изборите за Белград.
Исто така, се бара да се испитаат одредени наводи, вклучително и оние поврзани со организираната миграција на гласачите на локално ниво, кои излегуваат надвор од опсегот на извештаите на ОБСЕ/ОДИХР.
Во точката пет, ЕП ја повикува Европската комисија да покрене иницијатива за испраќање експертска мисија во Србија.
„Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да покрене иницијатива за испраќање експертска мисија во Србија, во која евентуално би биле вклучени експерти од ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија и Советот на Европа, со цел да се процени ситуацијата со неодамнешното избори и постизборни настани во обид да се овозможат предуслови за воспоставување на потребниот социјален дијалог што би довел до враќање на довербата на јавноста во институциите и проценка и решавање на системските прашања за владеење на правото во Србија, по примерот на „Извештаите на Прибе“ за владеењето на правото во Северна Македонија и Босна и Херцеговина“, се наведува во документот.