Египет ги засили дипломатските напори за да помогне во испораката на помош за Газа и за деескалација на конфликтот, објави денеска египетското претседателство, откако американскиот државен секретар Антони Блинкен престојуваше во Каиро како дел од регионалната турнеја.
Помошта од неколку земји се трупа на египетскиот полуостров Синај поради неуспешните договори кои требаше да овозможат нејзина безбедна испорака во Газа, како и евакуација во Египет на луѓе со странски пасоши преку преминот Рафах.
Израелското бомбардирање на преминот Рафах кон Египет, главниот премин од Газа кој не е под израелска контрола, ги прекина претходните операции.
Египет стравува дека неговата граница ќе биде пробиена од жителите на Газа, како што се случи во 2008 година на почетокот на израелската блокада.
Како и другите арапски земји, Египет јавно соопшти дека смета дека Палестинците треба да останат на нивна територија за време на ескалацијата на војната и дека работи на обезбедување на испорака на помош до населението.
Во соопштението од кабинетот на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, објавено по состанокот на Советот за национална безбедност, се наведува дека Египет отфрла каков било план за раселување на Палестинците „на штета на другите земји“ и дека сопствената безбедност на Египет е најважна.
Во соопштението за медиумите се наведува и дека Сиси предложил да се организира средба на врвот на која ќе се разговара за кризата.
Пратка со помош од Јордан, Турција и Обединетите Арапски Емирати, како и медицинска опрема за потребите на 300.000 луѓе во Појасот Газа, испратени од Светската здравствена организација (СЗО), веќе пристигнаа на аеродромот во Ел Арих, главниот град на северен Синај.
Египет испрати конвој составен од околу сто камиони со 1.000 тони хуманитарна помош.