„Дојдете земете ме ве молам, сите се мртви“ – потресна аудио снимка на девојче исчезнато во Газа

„Дојдете-земете-ме-ве-молам-сите-се-мртви-–-потресна.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







„Тенкот е до мене… доаѓа кон мене… многу е блиску. Дојдете… те молам спаси ме! Сите се мртви“.

Овие потресни зборови ги кажува шестгодишното девојче Хинд Раџаб, кое исчезна во Газа на 29 јануари по нападот на нејзиниот семеен автомобил во кој беа убиени нејзините роднини. Во застрашувачка аудио снимка, девојчето очајно повикува на помош откако останало заробено во автомобил со безживотните тела на шест членови на нејзиното семејство.

Мајката на шестгодишното девојче, кое се уште се води за исчезнато во центарот на Газа, со денови стои пред болницата со надеж дека нејзината ќерка ќе пристигне „во секој момент“, пишува Би-би-си.

Се верува дека Хинд е единствената преживеана од седумте патници во автомобилот, кој бил дел од конвојот на кој бил отворен оган. Нејзината судбина сè уште не е позната, како и судбината на двајцата палестински работници на Црвената полумесечина кои тргнале да ја спасат, а со кои е изгубен секаков контакт.

Нејзиниот вујко по мајка Басар Хамада, неговата сопруга Анам и нивните четири деца беа убиени откако нивното црно Kia Picanto беше под израелски оган на 29 јануари. За време на телефонскиот повик до палестинската Црвена полумесечина (PRCS), чија снимка беше објавена, таа објасни дека нејзиното семејство било убиено.

„Ви велам дека се мртви“ рекла Хинд, како што пренесува „Дејли мејл“, а подоцна додала: „Тенкот е до мене… доаѓа кон мене… многу, многу блиску е. ”

„Хинд постојано не молеше да дојдеме да ја земеме, да испратиме некој да ја земе. Таа рече дека се стемнува“, изјави Рана ал-Фагех, работничка на Црвената полумесечина која последен пат била во контакт со девојчето.

Рана се уште е многу потресена од овој настан и рече дека екипата на итната спасувачка служба „се почувствувала парализирана“.

– И кажав дека ако падне ноќ и уште не можеме да испратиме тим, таа треба да се обиде да ги затвори очите и да се преправа дека играме криенка. И реков да ги затвори очите и да почне да брои – вели Рана и додава дека за време на повикот слушнала истрели во позадина.

Иако Црвената полумесечина одлучи дека е доволно безбедно да испрати брза помош четири часа по повикот, тие набрзо изгубија контакт со Хинд и немаа контакт со спасувачите.

Првата што зборуваше со Црвената полумесечина беше 15-годишната роднина на Хинд, Лајан Хамаде, која беше заробена во истото возило во близина на бензинска пумпа во градот Газа додека израелските тенкови и војници се приближуваа.

„Тие пукаат во нас. Тенкот е до мене“, се слуша како вели Лајан на друга аудио-снимка објавена од Црвената полумесечина, проследена со врисоци и звук од пукотници.

Во тој напад загинаа Лајан и уште пет членови на семејството, соопшти Црвената полумесечина. Единствената преживеана, Хинд, останала на линијата разговарајќи со Рана и психологот три часа, кои се обиделе да ја смират додека се подготвувале да испратат брза помош.

„Рече дека сите околу неа се мртви или спиеле, била крајно исплашена, ме молеше да не ја прекинувам врската. Рече дека се плаши од темнината“ вели потресена Рана, но линијата неповратно се изгубила по неколку часа.

Диспечерите во еден момент успеале да го пренесат телефонскиот повик на Хинд на нејзината мајка, која се криела на друго место во Газа. Нејзината мајка изјавила за Ал Џезира дека една од последните работи што ѝ ги кажала Хинд е: „Ми недостигаш мамо. Не ме оставај. Гладна сум. Повредена сум“.

Таа со денови чека пред болницата во Газа, надевајќи се дека брзата помош ќе и го донесе детето, но секој ден тие надежи се намалуваат.

Израелската војска соопшти дека не знаела за инцидентот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK