Истражувањето објавено од Светската здравствена организација (СЗО) покажало дека децата на возраст од 11, 13 и 15 години од Велика Британија прават најмалку физички вежби на дневна основа во споредба со децата од другите земји во Европа, Централна Азија и Канада.
Околу 11 отсто од девојчињата и 16 отсто од момчињата во Англија го прават препорачаниот час физички тренинг дневно, пишува британски „Тајмс“.
Физичката активност, од умерена до енергична, вклучува работи како брзо одење, возење велосипед и возење ролери.
„Имаме голем јаз меѓу половите и големи социо-економски разлики. Две третини од 15-годишните момчиња во Велика Британија учествуваат во енергична физичка активност четири или повеќе пати неделно, но само една третина од девојчињата“, рече координаторот на оваа меѓународна студија, Џо Инчли од Универзитетот во Глазгов.
Таа изјавила дека посилните вежби, во кои срцето чука малку побрзо, исчезнуваат од животот на младите.
„Порано, кога младите поминуваа многу време надвор, тој број ќе беше многу поголем. Сега гледаме дека многу опаѓа и мислам дека тоа е многу загрижувачки бидејќи може да има големо влијание врз здравјето и благосостојбата на младите“, рече Инчли.
Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге истакна дека редовната физичка активност, здравите навики во исхраната и одржувањето на здрава телесна тежина се клучни делови од здравиот живот.
„Наодите од истражувањето укажуваат на потребата од насочени интервенции за да им се овозможи на адолесцентите да усвојат поздрави навики и да избегнуваат навики кои влијаат не само на нивното сегашно здравје и благосостојба, туку и на нивните идни траектории“, рече Клуге.