Владата на Црна Гора го утврди предлог-буџетот за 2027 година, заедно со таканаречениот „Евро модел“, кој предвидува значително зголемување на минималните плати на 1.000, 1.250 и 1.400 евра, зависно од степенот на образование.
Додека премиерот Милојко Спајиќ најавува дека со оваа мерка граѓаните ќе добијат европски животен стандард, економистите и Меѓународниот монетарен фонд предупредуваат на можни сериозни последици за економијата.
Според најавите, од 1 јануари 2027 година сегашните минимални плати од 600 и 800 евра треба да бидат заменети со три нивоа – 1.000, 1.250 и 1.400 евра. Со тоа Црна Гора би ги надминала минималните плати во повеќе земји членки на Европската Унија.
Предлог-буџетот за следната година е проектиран на повеќе од пет милијарди евра. Според првичните процени, за негово финансирање ќе недостигаат најмалку 1,8 милијарди евра, додека буџетскиот дефицит би можел да достигне околу 540 милиони евра, односно шест проценти од БДП.
Економскиот аналитичар Милош Вуковиќ за „Дојче веле“ оценува дека ваков модел не постои во Европа и предупредува дека толку големи промени не треба да се спроведуваат без претходни анализи на нивните финансиски ефекти.
„Не знам ниту една европска земја која истиот ден ги зголемила минималните плати за две третини, вовела три нивоа на минимална плата зависно од образованието и ги укинала придонесите за пензиско осигурување“, вели Вуковиќ.
ММФ предупредува на инфлација и раст на јавниот долг
Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека „Евро моделот“ може да предизвика забрзување на инфлацијата, зголемување на буџетскиот дефицит и раст на јавниот долг.
Според процените на Фондот, дефицитот би можел да достигне дури девет проценти од БДП, а јавниот долг 72 проценти од БДП.
Иако моделот би можел краткорочно да го забрза економскиот раст, ММФ предупредува дека тоа би било проследено со поголем фискален дефицит и влошување на надворешнотрговскиот биланс. Предупредувања упатиле и црногорските работодавачи, според кои поради новите мерки работните места би можеле да ги загубат до 18.000 работници.
Вуковиќ смета дека зголемувањето на минималната плата само по себе не значи и поголема продуктивност, а разликата меѓу пропишаната плата и реалната вредност на трудот, според него, на крајот ќе ја платат потрошувачите преку повисоки цени, работниците преку отпуштања или државата преку нови задолжувања.
Загриженост и за пензискиот систем
Дополнителен проблем е најавеното целосно укинување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа би значело дека пензискиот фонд ќе остане без сопствен стабилен извор на приходи.
Вуковиќ предупредува дека со ваквата промена пензиите би станале зависни од државниот буџет, наместо да се финансираат преку придонесите.
Опозицијата, пак, предупредува дека пензионерите би можеле да бидат меѓу најпогодените, бидејќи зголемувањето на пензиите е најавено дури од април следната година. Дотогаш, Владата најавила еднократна помош од 100 евра на крајот на оваа година.
Црна Гора го користи еврото како официјално платежно средство од 2002 година, но сè уште не е членка на еврозоната. Земјата очекува да стане членка на Европската Унија до 2028 година, додека приклучувањето кон еврозоната би можело да следува подоцна.