Според законот за војна, Украина може да одговори на руските напади со контра удари на руска територија, но неопходно е да се најде баланс меѓу ескалацијата на конфликтот и правото на одбрана, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
„Тоа е сосема можно според законот на војната, нема противречност, можете да возвратите или да се борите против оној кој ќе ве нападне, од вашата територија“, рече Борел пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ.
На состанокот ќе се разговара за тоа, откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика западните земји да ги преиспитаат ограничувањата што им ги поставија на Украинците дека не смеат да го користат своето оружје за напад на цели во Русија. „Прашањето за ризикот од ескалација на конфликтот ќе се постави многу брзо и ќе треба да се најде баланс помеѓу тој ризик и правото и потребата на Украинците да се бранат“, рече Борел.
Столтенберг во понеделникот рече дека „Украина има право да се брани и да напаѓа легитимни воени цели надвор од Украина“. Во вторникот пред состанокот на ЕУ, тој рече дека употребата на Украина на оружје испорачано од нејзините западни сојузници против цели во Русија нема да ги направи НАТО и неговите членки страни во конфликтот.