Американскиот претседател, Џо Бајден, одобри употреба на американско оружје од страна на Украина за цели во Русија, од каде се напаѓа украинскиот град Харков, откако Киев го побара тоа од Вашингтон во последните недели, потврди американскиот државен секретар, Антони Блинкен.
Говорејќи на прес-конференција во Прага по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Блинкен не прецизираше дали одобрението на Бајден може да се прошири на цели подлабоко во Русија.
Блинкен рече дека потегот на Вашингтон, кој претставува промена во политиката на американскиот претседател Бајден, кој цврсто одби да и дозволи на Украина да користи американско оружје на руска територија, е резултат на американската стратегија за прилагодување на ситуацијата на бојното поле. Сега, рече тој, Соединетите Американски Држави реагираат на она што го видоа во Харков и неговата околина.
„Во текот на изминатите неколку недели, Украина ни пријде и побара дозвола да го користи оружјето што им го испраќаме за да се одбранат од агресија, вклучително и руските сили кои се собираат на руската страна од границата и потоа ја напаѓаат Украина“, објасни Блинкен.
Ова е втор пат оваа година Бајден тивко да попушти од својата политика за испраќање оружје во Украина. Претходно, тој ги исполни барањата за испраќање ракети со долг дострел ATACMS во Киев. САД се најголемиот снабдувач на оружје за Украина, која се соочува со руска инвазија од февруари 2022 година.
Американски официјални лица во четвртокот рекоа дека САД сè уште нема да и дозволат на украинската војска да ги користи системите ATACMS, кои имаат дострел до 300 километри, или друго американско оружје со долг дострел за напади длабоко во Русија.