Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, би можел во наредните недели да се сретне со американскиот претседател, Џозеф Бајден, за време на потпишувањето на билатералниот безбедносен договор, изјави вчера во Киев американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
За време на заедничкиот прес-брифинг со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, Блинкен рече дека условите од билатералниот договор се речиси одобрени.
Кулеба додаде дека е воспоставен „дијалог на доверба“ меѓу Зеленски и Бајден, пренесува „Киев Индипендент“. Украинскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека двајцата лидери ќе имаат можност да разговараат за неопходните прашања и да потпишат договор, но не откри можен датум за средбата меѓу двајцата претседатели.
Членовите на Групата седум (Г7) го претставија својот план за долгорочни безбедносни обврски за Украина на самитот на НАТО во Вилнус на почетокот на јули минатата година.
Повеќе од 30 земји досега се приклучија на заедничката декларација на Г7 за поддршка на Украина, а Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Италија, Канада, Холандија, Финска и Летонија веќе потпишаа билатерални договори со официјален Киев.
Според овој договор, одредени земји би му дале билатерална поддршка на Киев во конфликтот со Русија и секоја идна агресија.
Безбедносните гаранции би имплицирале експлицитни и долгорочни обврски, како и зајакнување на способноста на Украина да се спротивстави на руската агресија.
Гаранциите ќе ги опфатат и санкциите, финансиската помош и повоената реконструкција.