Белорусија денеска започна воени вежби во регионите кои граничат со Украина и членките на Европската унија, Литванија и Полска, соопшти белоруското Министерство за одбрана.
Тридневните вежби во регионите Гомел и Гродно имаат за цел да ги обучат офицерите и единиците на територијалната одбрана како да ги бранат своите региони и како да дејствуваат во случај на вонредна состојба, објави Министерството на апликацијата за пораки „Телеграм“.
Според написите во медиумите, Белорусија, најблискиот сојузник на Русија, забележа влошување на односите со нејзините западни соседи и Украина во последниве години, особено откако Москва ја искористи белоруската територија како база за нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.