Премиерот на Курдистанскиот Регион во Ирак, Масрур Барзани, предупреди дека повлекувањето на американските сили може да го остави регионот ранлив на напади, особено затоа што нема сопствен систем за противвоздушна одбрана.
„Заканата е реална, ранливи сме и нè напаѓаат“, изјави Барзани за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека е „срамно“ регионот да биде оставен без соодветен одбранбен систем. Курдистанската регионална влада не може самостојно да набавува такви системи, бидејќи тоа е во надлежност на централната влада во Багдад.
Повлекувањето на американските сили од Ирак треба да заврши до 30 септември. Тоа беше договорено во 2024 година, откако борбената мисија против Исламската држава беше прогласена за завршена во 2021 година.
Курдистанскиот Регион во изминатите месеци беше цел на бројни напади со ракети и беспилотни летала, поради што регионалните власти предупредуваат дека заминувањето на американските сили може дополнително да ја влоши неговата безбедносна положба.