Добро е што Швеѓаните се ментално подготвени за војна, изјави пред неколку дена адмиралот Роб Бауер, шеф на Воениот комитет на НАТО, а пренесува dn.se. Бауер ги повика јавниот и приватниот сектор на Запад да се подготват за период во кој сè може да се случи во секое време, вклучително и војна.
„Ни треба воена трансформација на НАТО“, рече холандскиот адмирал во средата на отворањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Тој нагласи дека владите и компаниите од таа алијанса живееле во време кога сè било во изобилство, се било предвидливо и можело да се контролира. Членките на НАТО мора да се прилагодат од руската инвазија во 2022 година на „ера во која сè може да се случи во секое време, ера во која мора да го очекуваме неочекуваното, во која мора да се фокусираме на ефикасноста за да бидеме вистински ефективни“, рече Бауер.
За време на конференцијата во четвртокот, одговарајќи на новинарско прашање за неодамнешните изјави на шведските лидери, адмиралот рече дека е добро Швеѓаните психички да се подготват за војна.
„Треба да имате вода, радио на батерии и светилка на батерии дома за да можете да функционирате првите неколку дена. Ова се основните работи. Не велам дека работите утре ќе тргнат наопаку, но не можеме да бидеме сигурни дека мирот ќе трае вечно. Затоа имаме одбранбени планови“, рече Бауер.