Проф. Трајковски: Системот „Мој термин“ алоцира одвај 15 минути време за работа со еден пациент

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Системот „Мој термин“ алоцира одвај 15 минути време за работа со еден пациент – норма воведена од Министерството за здравство од којзнае какви причини. Од една страна, ова ме импресионира, но од друга страна многу ме загрижува. Што може да се стори за 15 минути, дали има време да се прочитат анализите и снимките, да се постави дијагноза и да се направи план на лекување и определи терапија за толку кратко време? Најпосле, човек треба и да ужива во работата што ќе ја работи 40 години, а не постојано да биде под стрес од брзање.

Поаѓам од својата работа. При проектирање на некаков уред трошам недели за разгледување на постоечки технички решенија, денови за самото проектирање, недели за конструирање и тестирање. Понекогаш се случува нешто да не работи како што треба, па да потрошам денови, а често и недели за разни дијагностики, анализирања и подобрувања. Никогаш поради брзање не го усвојувам првото решение што ќе ми падне на памет и потоа да го поправам по принцип на проба и грешка, туку разгледувам разни варијанти и ја одбирам најдобрата.


Во случајот на пациент, исто така е нормално да не може веднаш да се постави точна дијагноза или пак првичната терапија да не биде успешна. Тоа повлекува длабоко анализирање и размислување, што може да бара денови и недели, а камоли само 15 минути.
Се сеќавам дека мојот покоен матичен доктор самиот пребаруваше низ книгите и се консултираше со други доктори, бидејќи специјалистот (веројатно поради брзање) неуспешно лекувал еден негов пациент. Таквата посветеност не остана без резултат. Значи, требало само да се работи подолго време на случајот.
Тука морам да споменам и еден приватен доктор-протетичар, додуша поскап (мораше да биде, бидејќи темелно работеше со малку пациенти), ама затоа неговите протези беа вистински ремек-дела, со кои сите беа задоволни. Нормите, брзањето и квалитетот не одат заедно.

Пред триесетина години немавме систем „Мој термин“ со 15-минутни временски прозорци, па сепак никој не останал непрегледан и нелекуван. Затоа пак имаше многу повеќе доктори. Звучи нестварно, но ако добро се сеќавам во битолската болница од 400 вработени 200 беа доктори. Денеска има 800 вработени, а одвај малку повеќе од 100 доктори. Поради тоа мора постојано да се брза или да се работи повеќе од 40 часа неделно, што повторно не оди во прилог на квалитетот.

Решението погрешно се бара во скратувањето на времето за работа со еден пациент, наместо да се зголеми бројот на доктори. За ваквото димензионирање постои и посебна наука, бизнис процеси. Доколку има повеќе доктори, нема да има потреба од временско ограничување, а докторот во текот на работниот ден мирно, без брзање и со многу повеќе размислување и посветеност ќе може да реши секаков случај. Најважно е што така ќе се намалат и шансите за грешки!
Клучниот збор е порелаксирано работење, а не побрзо работење. Брзањето создава само привид на работа и исполнување на нормата, но квалитет така не се постигнува.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK