Проф. Ристова – Астеруд: Па не е баш во ред ниту ова соопштение, и некои работи што се сугерираат

karolina-ristova-asterud-nova-750x430-1-500x300.bk
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Па не е баш во ред ниту ова соопштение, и некои работи што се сугерираат.
Најпрво, и тужителот и тужениот имаат право да го изнесуваат својот случај, својата аргументација, и пред судот, и пред судот на јавноста, напад/одбрана/контранапад/контраодбрана,и во таа смисла, апсурдно е, најблаго кажано, да се тврди дека тоа што тужителот објавил тоа што објавил за својот правен интерес е “притисок врз судот”. Па, по дефиниција, двете страни “притискаат” врз судот, тоа е неизбежно, доаѓа со самата природа на судењето како процес, а да се сугерира дека тоа што тужителот објавил свој коментар на одлуката на Апелација е “притисок врз судот” е во суштина злоупотреба и манипулирање во свој прилог на тоа што вообичаено се подразбира за нелегитимен и недозволив “притисок врз судот”, а секако има и “возење” на сеопштата атмосфера околу судството, колку секогаш легитимно, башка тема.







По стандардот што ЗНМ го тера, и ова нивново е исто, со умисленост дека они можат и смеат, а тужителот не (?!). Сето ова е уште поапсурдно кога станува збор за делото клевета, ако се знае што е битието на тој деликт, т.е не може да го има без јавност , засега факти , вистина, углед, а и низа други интереси и правни вредности ( на пример, бизнис штети), кои единствено можат да бидат наштетени само ако е во корелација со некаква јавност. Оттука, субјектот што се смета за наклеветен секако дека е ептен заинтересиран во таа иста јавност да продре одбраната односно тоа што тој тврди дека е точно, сите што разбрале за тврдењата на тужениот, да разберат и за контратврдењата/одбраната на тужителот, не само на полето на институционалниот суд, туку и пред судот на јавноста. Сериозно, тоа не се разбира? Или, се разбира, ама не одговараат “правилата на игра”, оти, види ти, некој си умислил дека двете страни не треба да бидат рамноправни, па си умислил односот да треба да биде асиметричен, што ќе рече, во случајов, тужениот за клевета да си изнесува што си сака, а тужителот што се смета себеси за наклеветен да му се врзат рацете, да му се затне устата, оти, пази ова, тоа би било “притисок врз судот” (?!). А како што читам, тужителот се жалел и се жали и по тој основ.

Дали е во право мериторно е сосема друга работа, тоа веќе има врска со стандардите за тоа колку новинар /медиум треба да има докази, непосредни и посредни/индиции, пред да се оди во јавност со нешто, како и тоа дека кога е за јавен интерес тој правен стандард е нешто понизок отколку кога не е за јавен интерес и за “обичните смртници”. За тоа вообичаено во споредбен контекст пред да се оди со објавување ценат внатремедиумските правни оддели, ангажирани правници и/ли адвокати, што е засебна тема на која треба да работи и ЗНМ, синдикати во браншата, а и општо, оти клеветата е сериозна работа, треба да се избегнува максимум, а секако и потенцијалните тужби и судења чинат бајаги време, пари и енергија за сите, а и за системот и институциите, читај, граѓанството како данокоплаќачи, а и чии други права/слободи/правни интереси можат да бидат загрозени и на овој начин.

Второ, поврзано со првото, е и малце пософистицираниот обид за тривијализација на клеветата како деликт, воедно пречка за моќ без одговорност на медиумите и новинарите. Во поблага варијанта, како очигледна инфантилност на гореизредените потписници на соопштението, детско неразбирање и неприфаќање на тешките и комплексни аспекти на својот повик и работа. Борбата за вистината и јавниот интерес во тој дел е тешка и одговорна, а тие кои не сакаат таа да излезе на виделина секако е за очекување дека исто ќе се борат ( дааа?!?!), и тие имаат права, и има длабока причина и смисла зошто ги имаат, а и системот мора ја штити вистината. И за да ја биде, а и заради довербата во изнесеното во јавност во прилог на јавниот интерес, мора да се внимава многу за се’ она што пишав погоре, а не да се злоупотребуваат и манипулираат оружја од типот “притисок врз судот”. И сето тоа треба да се прифати како дадено. Не оди во шума, ако ти е страв од мечки, вели народната. Да се кукулека дека некој ќе тужел за клевета ( а зошто да не тужи ако смета дека има аргументи дека е наклеветен?), стратешки или не, да се фаќа позиција на жртва, не држи.

Што всушност сугерираат со ова фаќање позиција на жртва? Да се укине клеветата како деликт? Скраја, да се одземат процесните и другите права на јавност на едната странка, ако другата е медиум, новинари? За нивна моќ без одговорност?
За сето тоа нема никаков основ, а ако се за укинување на нешто, моја силна препорака им е да ја насочат својата енергија кон укинување на навредата како деликт, сосе сите нејзини деривативни форми, а и да бидат многу побудни и проактивни кон ова темпо на се’ поекстензивно и поарбитрерно толкување на т.н говор на омраза, сите оние други “кампањи” за се’ поголемо цензурирање, субјективизација, за гонења и вуду -право по внатрешни субјективни чувства и вредносни квалификации (оди одбрани се од тоа!), па други проблематични вредносни/идеолошки позиции поврзани со тоа, спротивни од актуелниот либерално-демократски поредок и темелните вредности на кои почива.

Трето, што е поентата на спомнување дека е моќник, дали економски , дали политички, па што бил тој во владата? Белким не дека оти е тој и таков, па по дефиниција е во криво, а они во право? Или, да не’ сугерираат малкуцка дека не треба за него да важи еднаквост пред законот, еднаквост на оружјето пред институционалниот суд и пред судот на јавноста? Демек он Голијат, а новинарите/медиумите се Давид? (Секогаш ме фасцинирало кај нашиве новинари/медимуми тоа себе/претставување за немоќни, претпоставувам, заради избегнување обврски и одговорност). А , види ти, и судиите исто греотка, малолетни и малоумни, одма притресени, оти, замисли тоа, објавил некакво соопштение во прилог на својата правна аргументација и правен интерес, ма судиите одма патосирање на тоа? Вау, кое концепциско гледиште и позиционирање. А и тоа ли е доказот за “притисок врз судот”? Не е тоа срамно?
Конечно, враќањето на предметот е заради фактичката состојба, целосно утврдување, не? Како е тоа против истражувачкото новинарство, самото по себе? Тоа и логички и емпириски може да биде само против фушерско и неодговорно “истражувачко” новинарство ( а и други подваријанти, на пример, корумпирано новинарство , рекетарско новинарство, клеветничко новинарство, белким не се сугерира безгрешност?). Или, истражувачко новинарство да, но истражувачко право/судство не, особено ако една од странките е некаков “моќник” и јавен лик , патем, најчесто таргет и на истражување , но и на клеветење?

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK