Проф. Трајковски: Оваа вест помина незабележано, но таа претставува вест на деценијата

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Оваа вест помина незабележано, но таа претставува вест на деценијата: владата донела одлука за изградба на реверзибилната ХЕЦ „Чебрен“, со инсталирана моќност од 333 MW. Од порано предвидените 500 милиони евра (извор: ЕСМ), цената достигнала една милијарда евра, но барем работите конечно ќе тргнат од мртва точка.

Да се потсетиме, во 2026 година треба да престане со работа на јаглен ТЕЦ „Битола 1“, а нејзината адаптација на природен гас заглави во ќорсокак, башка што за Русија станавме непријателска земја, па и снабдувањето со евтин гас ќе биде многу неизвесно. Освен тоа, цената на електричната енергија добиена од гас е повисока отколку енергијата добиена од јаглен. Понатаму, до 2030 година сите блокови на РЕК Битола ќе мораат да престанат со работа на јаглен, согласно обврските што Македонија ги презеде кон ЕУ.


Во меѓувреме ЕСМ гради фотоволтаични фарми (до сега инсталирале панели за 300 MW), но засега нема банки од литиумски батерии за складирање на произведената електрична енергија за потрошувачка во ноќните часови. Тука до израз ќе дојде реверзибилната ХЕЦ „Чебрен“, која со произведените вишоци на електрична енергија од фотонапонските електрани ќе пумпа вода низводно од браната назад во акумулационото езеро, претворајќи ја и складирајќи ја електричната енергија во форма на потенцијална енергија на гравитацијата на водата.

Во ноќните часови и при облачно време, кога фотоволтаиците не произведуваат електрична енергија, оваа вода од поголема висина, т.е. од акумулацијата ќе се спушта надолу и ќе врши корисна механичка работа во турбината, што ќе се користи за производство на електрична енергија во генераторот.
Преку ден истите турбини ќе служат и како пумпи, кога ќе работат во обратна насока. Ако во турбински режим турбината ја претвора енергијата на водата во механичка работа и понатаму во електрична енергија, во пумпен режим електричната енергија преку механичката работа се претвора во потенцијална енергија на водата, што се складира. Истото важи и за електричниот генератор, кој дење ќе работи како електромотор за погон на пумпата.

Накратко кажано, истата хидраулична и електрична машина работаат:
дење како електромотор и пумпа,
ноќе како турбина и генератор.
Со изградбата на непотребните автопатишта нашиот капацитет за задолжување е практично исцрпен и прашање е дали ќе имаме сила за градење на уште некоја реверзибилна хидроцентрала. Самиот Чебрен нема да ни биде доволен (ќе ни треба 2-3 пати повеќе), иако имаме простор и за изградба на ХЕЦ „Орлов Камен“, па и амбициозниот проект „Вардарска долина“. За жал, ХЕЦ „Бошков Мост“ и „Галиште“ повеќе никој не ги споменува.

Можеби, доколку електраната ја граделе домашни компании, цената навистина ќе изнесувала 500 милиони евра, но со странски компании изградбата ќе изнесува двојно повеќе. Можно е дури новата ХЕЦ да биде дадена под концесија на Грците на долгогодишен период, па тие намерно да ја „напумпале“ цената за да ја експлоатираат подолго.
На овој пример најдобро се гледа до каде нé доведе уништувањето на домашната градежна оператива (за сметка на форсирање на странските компании, на пример за изградба на автопатиштата) и невложувањето во образованието на квалитетен инженерски кадар од градежна, машинска и електро струка.
Затоа се вели дека сиромавиот секогаш плаќа двојно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK