Проф. Ристова – Астеруд: Нашиве домашни воук-бригади нешто друго да ти ги мачело цело ова време

karolina-ristova-asterud-nova-750x430-1-500x300.bk
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ами ова што сте го пишале многу „нормално“, нема што. А и многу јака „теорија“, нема врска што очи боде со недоследност и противречност, и ич немотивирана од проблематични вредносни ориентации, и , скраја, од предрасуди, а и шовинизам до даска, како врвен индикатор за сопствената „прогресивност“ по идентитетски логики. Не е единствено, но е најилустративно.

Нашиве домашни воук-бригади нешто друго да ти ги мачело цело ова време. Имено, на кој тоа групен етнички идентитет ќе да излезе дека припаѓаат осомничените за сторители. Особено, нели, како што се наведува,, претходно се шпекулирало и за Албанци како можни сторители , каков ерес, какво табу, небаре само за нив така, небаре ич немаше и за Македонци, како идентитет кој дури и се подразбира, па за мајката, за таткото , за девојчето, за другата жртва, и логични, и не баш, а и дебилни, а и простачки. И, чиниш, бинго им се падна, сите до еден етнички Македонци, како што уредно најдоа за потребно да нагласат од ОЈО и МВР. Да не беше толку траорна атмосферата, прописна журка ќе направеа, но се воздржаа само на не баш нормалното ликување.


И , море, како нагазија на гас, од нешто што е повеќе од јасно дека е инцидентет случај, и, да се надеваме, таков и ќе остане, нема да се претвори во феноменологија. Ама не, они си видоа баш фин опортунитет да ги изблујат сите свои идеолошки и политички омрази и нетрпеливости. Оти, да не бидете во заблуда, тоа нивните вуду и јојо толкувања за „говор на омраза“ и „поттикнување нетрпеливост“ ваква-таква, тоа не важи за нив и за нивните штитеници по идентитетска групировка, сите под заштита на т.н Волдеморт ефект (тие чие име и дела не смеат да се спомнат), а, кои, имплицитно на пишаното, скраја да влегуваат во вистинските закани, дал според експертизата, дал според идеологијата, на нашата позната писателка.

И, еве, според пишаното, ако не сте знаеле, тоа патриоти, строго мажи, тоа семејни вредности, тоа верници, исклучиво македонско-христијански, тоа се подразбира, ма сето тоа да ти било и да ти произведувало потенцијални убијци, а со тоа преставуваат вистинска закана за општеството, а и богами и единствената. Онака, сите на куп, секако, како емпириски многу издржани асоцијација на вина и со правилно изведена генерализација, да, да, баш така. Тоа секако служи за маска, а богами и за себеубедување и себеидентификување, дека баш они се добрите кои се борат со зло, а всушност за прикривање на вистинската суштина токму на нивната мрачна и опасна идеологија, докажан извор за индивидуални мизерии и страдања на масовно ниво.

Ај убаво размислете кои и што се импликациите на сето ова, што сака писателката да каже, каков тоа поредок преферира, кој тоа треба да се елиминира како закана и по кој основ, легитимен ли, и во кој и каков тоа поредок нема место за “патриоти “, “ христијански верници” и “семејни вредности”, а и како се стига дотаму. Но, веднаш да укажам, да не си умислат Македонците дека ова нешто ексклузивно се однесува само за нив. Не, не, они ваквите мисли и сентименти ги негуваат за цела Европа и Запад, а тек да знаете што им мислат на „Англосаксонци“ и „Амери“, секако, сите оние што ги идентификуваат по истите или еквивалентните основи, од еврозападни пигменти на кожа, преку (културно) христијанство, до сите други легални идеологии и политички опции во тоа разгаштениот либерален еврозападен плурализам.

Вели, требале тоа „нормалните“ да се преиспитаат за сопствените вредности и предрасуди. Е ајде, да преиспитаме. По нејзина логика, зошто не е проблем тоа што е пишано во првите две реченица, а е проблем тоа што е истакнато во вторите две реченици? Само оти така отпосле испадна? Да испаднеше обратното, што мислите, ќе го пишеше буквално истото, ама за Албанците, па со спомнување и селектирање така на манифестни идентитетски бубачки, будалаштини, штогоде, во нивните редови? Да изредам еквивалентни примери што можат да се спомнат? Но, сите го знаеме одговорот дека такво нешто ни во сон не би пишала, впрочем, имало бајаги опортунитети за тоа, сосе и бајаги пострашни, и тоа не инцидентни, туку баш како феномени, со повеќекратни жртви, овде во МК, по Европа, други странски земји.

Зошто да не смеело и да не е „нормално“ да се теоретизира и за варијанти со Албанци како можни сторители? Оти меѓу Албанците нема сериозни криминални типови и феномени како релевантни и можни извршители во теоретизирањето и „теоретизирањето“ за случајот? Табуизирање по ризик и цена за жртвите?! Исклучени се веројатностите како инцидентни индивидуални случаи? Како тоа, по која логика и реалност? А и не слушнала ли Румена за албанската мафија, која, меѓу другите бизниси, се занимава и со трговија на луѓе и (присилна) проституција по Европа? Не слушнала ли за јавните куќи по Западна Македонија и други албански краишта, дали со доброволна , дали со присилна проституција, а тек што кажува идентитетската профилација на клиентите, проститутките и „проститутките“ ( сексуални робинки)? Ами што правиме со грумирањето на „каурски курви“ (читај, Македонки, неретко млади девојчиња), со што некои други „патриоти“ најотворено се фалат по ФБ, па и го користат како „аргументација“ за разно-разни небулози? Или за сето тоа важи Волдеморт- ефектот?

Оти Румена во својот умислен заштитнички однос кон Албанците сугерира дека тоа е нешто за што не смее да се збори, па и по цена на произведување жртви, особено ако и кога се нелабански? Дека тоа она промовира албански трибализам, кој подразбира и треба да подразбира заштита и криење на сите криминални типови и криминални феномени во својот двор? Дали тоа она сугерира дека за албанското его, фитиљ и култура не важат истите стандарди како за Македонците, како за останатите Европјани? Или, она всушност ни ги проектира Албанците како деевропеизирани и оттуѓени Европјани, дека се резидуа, експозитура и агенс на (нео)отомански и други воневропски културни и идеолошки влијанија, воневропски верски и теократски доктрини, и како такви, за нив треба да се тера по тоа воук идентитетски матрици, а кои вообичаено се форсираат и тераат за делови од воневрозападната имиграција?

Натаму, нели Албанците се и треба да се рамноправни, и како индивидуални граѓани, но и по групно-идентитески логики, секако во својата пропорција? Или тоа важи само за арни, убави и парфемирани работи, но не и кога е за обратното, скраја за криминални типови, феномени и ситуации? И тоа не се предрасуди, ама ич, и тоа, предрасуди на ниски очекувања од Албанците? Зошто да не може да се има „теории“ кои вклучуваат (и) Албанци како можни сторители, а тоа да не се доживува, набедува и засметува како нешто што треба во општеството да поттикнува, те нетрпеливост, те омрази, а консеквентно, да се табуизира, заќутува, скраја адресира? Јас, еве, како Македонка, по било основ и аспект на мојот индивидуален и колективен идентитет, апсолутно немам проблем такви „теории“ да се зборат за Македонци, како и што се зборат доминантно и на редовна основа, не ги ни забележуваме, и ни на крај памет не ми е да давам некакво покритие, криење или заштита по основ на мојата „македонштина“ на криминалци, криминални феномени, а и за други грди работи, без оглед кои се жртвите, а , скраја, да инструментализирам правен поредок, политика и култура за таква агенда и цел. А колку што следам, најголемиот дел од Македонците исто ич си немаат проблем со тоа, и во таа смисла и во таков контекст, ич не се одвојуваат од вообичаеното евро милје. И тоа е докажано позитивна и добра карактеристика на културата.

Сумарно, некој друг ќе треба да си ги преиспита вредностите и предрасудите, а и подлиот шовинизам, ударно изразен преку бесрамни двојни-тројни стандарди. Нема за тоа заснованост и оправдување во ниту една од вградените темелни вредности на кои почива нашиот и европскиот поредок. А зајакот лежи токму во идеологијата која ги инструментализира групните идентитети како оружје, баш како што е во статусот, школски пример, со придружните типични идентитетски хиерархии, со набедени улоги на злостори и жртви по сериозно проблематични критериуми и мерила. И , за жал, има кај нас бајаги заблеани и инвестирани во таквиот екстремен антилиберализам, кои злоупотребуваат дури и вакви опортунитети за да креираат и форсираат понуда, за да има побарувачка за тоа што они го нудат, ништо добро и ништо арно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK