Директорот на Мерцедес, Тото Волф, не ја отфрли можноста за разговор со трикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Ферстапен од Ред Бул, за негов трансфер во Мерцедес.
Мерцедес моментално бара наследник на Луис Хамилтон кој на крајот од сезоната се сели во Ферари, а како логично решение се појавува Ферстапен.
По трката во Мајами, во разговор за медиумите, Тото Волф откри дека не е точно дека, во понеделникот, имал закажан состанок со Ферстапен, но во исто време рече дека не е исклучено да се сретне со него во блиска иднина.
„Секогаш има многу состаноци. Не можам навистина да зборувам за вториот возач (во Мерцедес). Разговаравме за можностите. Сакам да бидам фер кон овие момци и да не изгледаме како да играме шах со овие луѓе, бидејќи ние тоа не го правиме. Сакаме да имаме доволно време, да видиме што мисли Макс и во исто време, да ги следиме другите возачи. Карлос (Саинс) повторно беше добар и во моментов сме само набљудувачи“, изјави Волф.
Ферстапен има договор со Ред Бул до крајот на 2028 година, што создава различни услови за преговори.
„Веќе кажав и претходно, да сум на негово место, немаше да заминам барем до крајот на 2025 година. Но, тој е водечки возач, тој е најдобар во моментов и затоа мора да ги донесе тие одлуки. Можеби нема да има никакви одлуки, можеби се ќе остане исто, но и тоа ќе биде некаков патоказ за нас“, изјави Австриецот.