Аргентинската репрезентација, актуелен светски шампион, ги заврши подготовките за Светското првенство со убедлива победа од 3:0 против Исланд во Обурн. По натпреварот, вниманието го привлече средбата меѓу Лионел Меси и синот на неговиот поранешен соиграч од Барселона, Еидур Гудјонсен.
Исландскиот репрезентативец Даниел Тристан Гудјонсен му пришол на аргентинскиот ас и го потсетил на нивното старо познанство.
„Ми рече: ‘Здраво, играше со мојот татко.’ Потоа ме праша дали се сеќавам на него. Искрено, се изненадив бидејќи не го препознав веднаш. Беше навистина мал кога се запознавме“, изјави Меси.
😮 La sorpresa de Leo Messi al enterarse que jugó contra 𝐞𝐥 𝐡𝐢𝐣𝐨 𝐝𝐞 𝐬𝐮 𝐞𝐱𝐜𝐨𝐦𝐩𝐚𝐧̃𝐞𝐫𝐨 Eiður Gudjohnsen.#LaCasaDelFútbol pic.twitter.com/u3KaT0nlj1
— Movistar Plus Deportes (@MPlusDeportes) June 10, 2026
По краткиот разговор, двајцата фудбалери се прегрнале и се фотографирале.
Даниел Гудјонсен, исто како и неговиот татко, поминал низ младинската академија на Барселона. Во моментов настапува за Малме и е член на исландската репрезентација.
Неговиот татко Еидур Гудјонсен ја делеше соблекувалницата со Меси во Барселона од 2006 до 2009 година. Исландскиот напаѓач одигра 114 натпревари и постигна 19 голови за каталонскиот клуб, токму во периодот кога почна блескавиот подем на Меси кон статусот на еден од најголемите фудбалери во историјата.
Гудјонсен во моментов работи како тренер, а во текот на кариерата настапуваше за ПСВ Ајндховен, Болтон, Челси, Барселона, Монако, Тотенхем, Стоук Сити, Фулам, АЕК, Серкл Бриж, Клуб Бриж и Молде. Играчката кариера ја заврши во 2017 година.
Аргентина одбраната на светската титула ќе ја започне на 17 јуни со натпревар против Алжир.