Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг не е загрижен по шпекулациите во британските медиуми дека во неговата соблекувална има лоша атмосфера и дека дел од фудбалерите се незадоволни бидејќи сметаат дека тој фаворизира одредени играчи.
Холандскиот тренер ги поминува најтешките моменти по преземањето на клубот во јули 2022 со три порзи во низа, во кои првпат од 1978 година, Јунајтед прими по три или повеќе гола. „Манчестер ивнинг њуз“ тврдеше дека дел од фудбалерите се незадоволни од неговата тактика.
„Не знам дали се работи за пуштена информација од некој фудбалер, но ги познавам моите фудбалери. Секој може да даде предлог, ние сме океј со таков однос. Во Јунајтед мораш да победуваш секој меч, така што ситуацијата не менува ништо“, вели Тен Хаг.
По позитивната прва сезона, во која ја освои титулата од Карабао купот и освои трето место во Премиерлигата, Јунајтед на Тен Хаг загуби од Тотенхем, Арсенал и Брајтон во Премиерлигата и беше поразен со 4:3 о Баерн Минхен во Лигата на шампиони.
„Не сум изненаден. Ова е мојата втора година и знам дека не можеме да одиме само нагоре, мора да има и лоши периоди кои ги поминуваш така што ќе останеш обединет и ќе бидеш посилен. Го правиме токму тоа. Во соблекувалната, во тренерскиот тим, сите сме обединети, Јунајтед“, додава Тен Хаг.