Ерата на Јирген Клоп во Ливерпул заврши во неделата. Германецот по девет успешни сезони реши да замине на долг одмор. На заминување самиот го промовираше новиот тренер Арне Слот, кој во Ливерпул доаѓа од Феенорд.
Англиските медиуми објавија дека Слот, за разлика од Клоп нема да биде вработен како менаџер, туку како главен тренер.
Холанѓанецот е 23. предводник на Ливерпул, а прв што нема менаџерска улога.
Според британските медиуми, промената е одраз на следењето на модерните трендови на фудбалот. Повеќето англиски клубови сега го прават она што европските клубови го прават со децении, ја одвојуваат улогата на тренер од онаа на спортски директор или менаџер.
Ливерпул по објавата на Јирген Клоп дека го напушта клубот направи голема реорганизација. Затоа што Клоп не е единствениот што заминува. Клубот го напушта и фудбалскиот директор Јорг Шматке, како и неколку важни членови на стручниот штаб.
Во клубот се враќаат Мајкл Едвардс како шеф на фудбалот и Џулијан Вард како технички директор. Педро Маркез ќе биде директор за фудбалски развој на целата спортска групација Фенвеј, а Ричард Хјуз ќе биде новиот спортски директор. Сите тие, како и Арне Слот, ќе ги преземат своите должности на 1 јуни.
Клубот верува дека титулата главен тренер ќе му даде можност на Слот да се концентрира на најважните аспекти од работата со првиот тим. Тој дефинитивно ќе биде неприкосновен авторитет и ќе има целосна контрола врз тимот.