Сопственикот на 25 отсто од акциите на Манчестер јунајтед, Сер Џим Ретклиф, за „Би-би-си“ изјави дека клубот ќе донесе одлука за иднината на Мејсон Гринвуд на крајот од сезоната.
Во 2022 година англискиот фудбалер беше обвинет за обид за силување и физички напад, поради што осум месеци мина во затвор. Откако неговата девојка ја повлече тужбата, крилниот напаѓач ја продолжи кариерата. Во септември 2023 година, Манчестер јунајтед го испрати на позајмица во Хетафе.
„Сè уште немаме донесено никаква одлука. Тој е на позајмица, но не е единствениот. Имаме еден или двајца фудбалери за кои треба да носиме одлуки и тоа ќе го направиме. Процесот ќе оди вака: ќе ги разгледаме фактите, а не јавната возбуда, а потоа ќе се обидеме да ја донесеме вистинската одлука врз основа на вредностите поврзани со тоа дали е добро момче или не, и да одговориме дали ќе биде способен да игра гордо за Манчестер јунајтед, дали тој, но и навивачите ќе се чувствуваат комотно“, истакна Ретклиф.
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) минатата недела ја одобри предложената понуда на британскиот милијардер Џим Ретклиф за купување на 25 отсто од акциите на Манчестер јунајтед.
Во декември минатата година, Ретклиф постигна договор за купување на 25 отсто од клубот од „Олд Трафорд“ за околу 1,3 милијарди долари.