Селекторот на фудбалска репрезентација на Австрија, Ралф Рангник, поради хомофобија, отстрани тројца играчи од тимот за претстојните пријателски натпревари.
Фудбалерите на Рапид Виена, Марко Граул, Гвидо Бургсталер и Никлас Хедл се избришани од спискот за пријателските натпревари против Словачка и Турција.
По дербито со Австрија Виена, тие беа снимени како извикуваат хомофобични пораки.
„Ова е нешто што нема да го толерирам во тимот во кој јас сум селектор. Се што се залагаме со репрезентацијата е на другиот крај на скалата и тоа им го кажав на играчите преку телефон“, рече Рангник.
Поранешниот тренер на Манчестер јунајтед и Лајпциг изјави дека забраната не е трајна, оставајќи ја можноста тие да бидат повикани за Европското првенство.