Европско кадетско првенство во џудо – Скопје 2025


dzudo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За прв пат во Македонија ќе се организира Европско кадетско првенство во џудо, најголемо првенство од овој карактер во 2025 година, според наше скромно мислење, настан над сите спортски настани во Македонија. Европа доаѓа во Скопје и ние мораме да ја оправдаме довербата, вели Дејан Мицкоски, спортскиот директор на Македонската џудо федерација(МЏФ).

Европското првенство за кадети и кадетки, Скопје 2025, кое ќе се одржи од 26 до 29 јуни, ќе биде настан од највисок ранг кој досега воопшто се одржал во џудо спортот кај нас. Натпреварувањето ја опфаќа возрасната категорија кадети во машка и женска конкуренција родени 2008/09/10 година со  вкупно 16 тежински категории (8 во машка и 8 во женска категорија). Борбите ќе се одвиваат во поединечна и екипна конкуренција.  


Официјалното пријавување на учесниците е започнато и согласно пропозициите завршува на 11 јуни и веќе на 12 јуни ќе се знае официјалниот број на учесници, држави и официјални лица. Согласно правилата и пропозициите на ова ЕП право на учество имаат сите 51 џудо федерации од исто толку држави членки на ЕЏУ со максимален број на спортисти за учество 20, а во тежинските категории максимумот е двајца џудисти по држава-репрезентација. Секако ова повлекува и исполнување на одредени услови како што се поседување на официјална ИД картичка, лиценцирани кимона и официјални бек бројки како задолжителна опрема за настап на натпревари од ваков ранг за секој спортист.

Стручниот тим при  Македонската џудо федерација е во координација и ги врши последните консултации за изборот на нашите репрезентативци кои ќе ја претставуваат нашата држава. Бројката за настап е вкупно 16 учесници со цел да им се даде можност на повеќе наши спортисти од оваа возрасна категорија да настапат на едно вакво престижно првенство, да бидат во друштво со најдобрите европски џудисти и шампиони што би претставувало еден дополнителен мотив за понатаму за нашиот млад кадетски тим. Кога зборувам млад тим морам да појаснам дека поголемиот дел од  нашиот состав се џудисти, прва или втора година кадети, кои допрва влегуваат во сериозниот и професионален дел од џудо спортот на кои ќе им треба вакво искуство и настапи од ваков ранг за да го трасираат патот за понатаму. Всушност нашата кадетска репрезентација оваа година имаше промена на генерација каде еден добар дел од поискусните кадети преминаа во возрасната категорија Јуниори и сега со еден ваков подмладен состав влегуваме со елан за давање можност пред домашната публика да се докажат нашите спортисти и пред се достојно да ја презентираат нашата држава и македонското џудо.

Во делот поединечно за наши фаворити и очекувања стручно мислење и проценка дополнително  ќе даде селекторот на Кадетската репрезентација Игор Паскоски – вели Мицкоски.

Од МЏФ потенцираат дека за кадетското првенство, кое според многумина е најпосакуваното во многу европски држави, конкурираа шест европски држави, но со добрата поставеност и лобирање на управата на Македонската џудо федерација, предводена од претседателот Владимир Трпаноски, на Македонија и беше доделена организацијата на ова Европско кадетско првенство во џудо- Скопје 2025 год. која организација ја доби како заслуга за добра огранизација на претходните два Европски јуниорски купа.

На овој настан ќе биде присутна целата Европска и Светска џудо елита на чело со претседателот на ЕЏУ(Европска џудо унија) г-дин Ласло Тот.

Се надеваме дека овој пат ќе ја оправдаме довербата на ЕЏУ и повторно ќе блеснеме како добри домаќини и организатори на овој европски и светски џудо настан.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK