Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, на прес-конференција изјави дека конечно ќе може да зборува за својата иднина, поточно дали ќе остане во Бенфика или ќе се врати во Реал Мадрид, од понеделник, 18 мај, по завршувањето на португалското првенство.
По нерешениот резултат против Брага (2:2), Мурињо одговори на новинарско прашање дали сè уште планира да остане во Бенфика, како што најави уште во март.
Португалскиот стручњак рече дека не сака да зборува за иднината додека сезоната е сè уште во тек.
„Последната недела од првенството не е момент да размислувам за иднината и договорите“, рече Мурињо.
„Од моментот дојдовме до финишот на сезоната, решив дека не сакам никого да слушам и да бидам целосно фокусиран на мојата работа. Пред нас е натпревар против Есторил, а од понеделник ќе можам да одговорам каква ќе биде мојата иднина како тренер, како и иднината на Бенфика“, додаде трофејниот тренер.
Во последните денови, шпанските медиуми интензивно го поврзуваат Мурињо со враќање во Реал Мадрид, каде што би можел да го наследи Алваро Арбелоа, но искусниот тренер уште еднаш нагласи дека не разговарал со никого.
Поголемиот дел од прашањата на новинарите беа за неговиот следен чекор, но Мурињо, како и во претходните денови, одби да открие повеќе детали.
„И ќе застанам тука, бидејќи не сакам да ја започнам следната сезона суспендиран. Останува само еден натпревар, остануваат осум дена. Не грижете се, останува само една недела“, заклучи Мурињо.
Foto/ Depositphotos