Легендарниот германски фудбалер, Лотар Матеус е убеден дека титулата во Бундеслигата оваа сезона ќе ја освои Баер Леверкузен. „Фармацевтите“, во саботата убедливо го победија Баерн Минех со 3:0. На теблата Баер има пет поени повеќе од Баварците.
„Леверкузен заслужено победи, Баерн немаше шанси. Тешко ми е да кажам, но Баерн нема шанси да ја освои титулата во Бундеслигата. Тоа одамна не се случило. Бев многу изненаден што Баерн не користеше ѕвезди кои го имаат ДНК на Баерн. Да сум на местото на Томас Тухел, би се потпирал на Матијс де Лихт, Џошуа Кимих и Томас Милер, особено за мечот во Леверкузен“, напиша Метјус во колумна за германскиот „Скај Спортс“.
Милер и Кимих мечот со Леверкузен го почнаа на клупата, а во игра влегоа во 60. минута. Де Лихт не играше против Баерн. Матеус (62) играше за Баерн од 1984 до 1988 година и од 1992 до 2000 година.
„Сигурен сум дека Леверкузен ќе биде шампион на Германија и ако продолжи да игра вака, тоа ќе биде повеќе од заслужено. Тухел? Сигурно е дека по овој пораз ќе има некои внатрешни дискусии во Баерн“, изјави поранешниот играч на Баерн.
Матеус истакна дека Тухел направил многу грешки на натпреварот против Леверкузен.
„Познато е дека во соблекувалната на Баерн има незадоволни играчи. Лоша атмосфера создаваат експерименти, па така играч од 70 милиони евра да остане на клупата, иако е во врвна форма, бидејќи приоритет има нов играч кој треба да биде засилување. Тренерот може да ја иритира, игнорира или занемари соблекувалната, но потоа мора убедливо да победи. Тухел не успеа во тоа. Ситуацијата во Баерн не е добра, а резултатот од тоа се гледа на теренот“, заклучи Матеус.