– Со амбиција да го повторат минатонеделниот успех на младинската репрезентација која обезбеди пласман во елитната конкуренција, македонските кошаркарски јуниори пристигнаа во португалскиот крајбрежен град Матосињос каде од денеска до 30 јули ќе се одржи Европското првенство до 18 години во Б дивизијата.
„На контролните натпревари не бевме комплетни речиси на ниту еден натпревар, па не можевме да видиме јасна слика. Па оттука, ги користевме за напредување во играта на нашиот тим, па и резултатот беше на втор план. Но се знае дека сега, на Европското првенство, овде во Португалија, резултатот е во прв план. И затоа, ќе дадеме се од себе да оставиме добар впечаток“, изјави селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација до 18 години, Андреј Апостолски Лечиќ за официјалниот сајт на КФСМ.
Македонските кошаркари походот кон пласман во А дивизијата ќе го почнат во рамки на групата А во која се и репрезентациите на Австрија, Исланд, Норвешка и противникот во утрешниот воведен натпревар од 19 часот, Велика Британија.
„Првиот натпревар против Велика Британија претставува еден од најважните натпревари во понатамошниот дел од првенството. Анализирани се противниците и ќе дадеме максимум да го победиме противникот. Мора да го кажам и ова, во составот имаме дури седум помлади играчи од генерацијата, што ќе помогне и во наредните години, со собирање на искуство и одлични натпревари во нозете. Во составот во кој сме овде, ќе дадеме се од себе уште еднаш летово да ја израдуваме цела нација и да направиме што поголем успех во рамките на нашите можности“, порача селекторот Апостолски.