Рафаел Леао (27), лево крило на Милан и португалската репрезентација, отпатува за Истанбул за да потпише договор со Галатасарај, откако ќе ги мине медицинските прегледи.
„Газета дело Спорт“ го фати на аеродромот во Милано и успеа да земе изјава од фудбалерот.
„Го сакам Милан и таа љубов никогаш нема да заврши. Јас сум дел од историјата на клубот. Го гледав натпреварот против Венеција и плачев затоа што се збогував со моите соиграчи и прекрасни навивачи, но време е за нов предизвик“.
Се чинеше дека неговиот нов предизвик ќе биде Астон Вила, со која се согласи на трансфер за годишна плата од 7,5 милиони евра. Сепак, потоа Галатасарај му понуди 12 милиони евра, а Леао се реши за Истанбул.
Тој помина седум години во Милан откако клубот го донесе од Лил во летото 2019 година за 50 милиони евра. Одигра 291 натпревар за Милан со 80 гола и 65 асистенции.
Галатасарај ќе му плати на Милан 40 милиони евра за него и евентуално уште 3 милиони евра во бонуси.
Foto/ Depositphotos