На седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, му било потребно „долго време да заздрави“ од влијанието на контроверзниот крај на сезоната 2021 година.
Хамилтон имал голем број предизвици со менталното здравје во текот на 30-месечната серија без победа пред неговиот триумф во Силверстоун.
Тој победи на Големата награда на Британија во Силверстоун, што е негова прва победа од претпоследната трка во 2021 година во Саудиска Арабија. Тој го опиша триумфот како најемотивниот во неговата Формула 1 кариера.
Откако ја мина целната линија, Хамилтон се расплака додека ја прекина својата серија од 56 трки без победа, најдолга во неговата кариера. Претходно, најдолгата серија без победа беше 10 трки.
Тој ја загуби титулата во битката со Макс Ферстапен на последната трка од сезоната 2021 година во Абу Даби, откако тогашниот директор на трката Мајкл Маси погрешно ги применил правилата за безбедносното возило, дозволувајќи му на возачот на Ред Бул да го помине Хамилтон во последната рунда и ја освои прва титула, и го спречи Британецот да освои рекордна осма.
Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) по истрагата објави дека се работи за „човечка грешка“.
Во изјавата пренесена за „Скај“, Хамилтон изјави:
„Кога се вратив во 2022 година, мислев дека сум го надминал тоа. Знам дека беше тешко и ми требаше долго време да го излечам тоа чувство. И тоа е природно за секој што го има тоа искуство. Продолжив да се обидувам да работам на себе и од ден на ден сега наоѓам внатрешен мир“, изјави 39-годишниот Хамилтон.
Од 2022 година Мерцедес имаше многу проблеми со болидот и не беше конкурентен на Ред Бул. Така продолжи и оваа сезона, но возачот на Мерцедес Џорџ Расел победи на претходната трка во Австрија, а Хамилтон победи во Велика Британија.
Седумкратниот светски шампион е рекордер со 104 победи во Формула 1.