Димитар Лабудовиќ: Со Лина дојдовме без еуфорија, така и ќе продолжиме


trener-lina-1-598129728_4669378320015263_2528582340951229672_n.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од Вимблдон за „Макфакс“ Ненад Живановски – Столиќ


Човекот од сенка, кој е, после Лина Ѓорческа, најзаслужен за овој успех на македонскиот тенис и севкупниот македонски спорт, е нејзиниот тренер Димитар Лабудовиќ.

Смирен, тивок, без да манифестира било каква емоција, седнат во аголот покрај терените во Раухемптон, сите три дена додека Лина играше, за некој кој не го познава би рекол дека е обичен гледач. Но придонес за успехот на Лина, секако, беа и корисните совети, кои за време на мечот, со раката преку уста, тој ѝ ги даваше.

Димитар пред да ја започне својата тренерска кариера, активно играл тенис, почнувајќи од својата седма година, при што успеал да се пробие меѓу 20-те најдобри јуниор во Европа до 16 години. Бил државен првак во сите категории, репрезентативец јуниорски и во Дејвис Куп. За жал, повредата на рамото го оттргнува од тениските терени, поради што морал рано да прекине со тенисот и не остварил АТП ренкинг.

Љубовта кон тенисот ја продолжува како тренер уште од својата 21 година, работејќи со деца и јуниори. Во тој период на терените на Југ тренирала и деветнаесетгодишната Лина Ѓорческа, и на свои 26 години Димитар ѝ станува тренер. Соработка која ќе трае наредните тринаесет години, и ќе го достигне својот ѕвезден момент токму овие денови со учеството на Лина на Вимблдон.

Токму и разговорот со него го започнавме со прашање за овој голем успех, само неколку минути по победата на Лина во третиот квалификациски меч против Италијанката Луција Броцети.

„Тешко е да се најдат зборови за овој голем успех кој го постигна Лина. Ваква историја му посакувам на секој тренер во било кој спорт, да го почувствува ова чувство. На толку години чекање, еве десет години поминаа од првиот гренд слем, кога во Австралија изгуби во третото коло, конечно стигна и тој момент кога ќе го видиме и светлото на гренд слем сцената“.

Постои ли некоја тренерска тајна, умешност, финеса, кога во ноќта пред најважниот меч во кариерата на својот тенисер, тренерот може да му ја каже на играчот. Ако спортот е мирновременска битка во цивилизирани околности, во која војуваат не само играчите на терен, туку и нивните тренери во позадина, како Димитар успеа да го надмудри својот колега, за Лина да успее во еден фуриозен настап, буквално да ја декласира својата противничка од Италија (6-1 и 6-2), која е за стотина места подобро рангирана на ВТА листата.

„Нема некоја посебна тајна. Стандардната рутина ни е кога ќе завршиме еден меч никогаш да не зборуваме за наредниот. Тоа го оставаме за денот кога се игра мечот. Тогаш дискутираме што можеме да очекуваме од противничката, како ние да одиграме… и се случи тоа што се случи. Навистина сум пресреќен што до последен збор од тактиката што ја договоривме, Лина ја спроведе на терен. Затоа и искрено позитивно ме изненади изјавата која таа ви ја даде пред мечот со Броцети, дека денес ќе игра како да е во Скопје, а не на Вимблдон. Тоа зборува за сталоженоста и смиреноста која таа ја чувствувала пред мечот кој значеше влез на главниот турнирот. Многу ми е драго, што после многу време ја видов вистински смирена, што изненадува ако се има во предвид што следи – да се игра на најпрестижниот тениски турнир на светот. Така што коцките преубаво се склопија, дојдовме без никаква еуфорија од дома, дојдовме тивко, а испишавме историја, и се надевам дека сите во Македонија се среќни од ова што се случи.“

Во истиот правец Димитар и го завршува разговорот за Макфакс. Воопшто не се „хајпува“ од овој голем успех, смирено и сталожено гледа на учеството на Лина на Вимблдон. Буквално како дојдоа на квалификациониот турнир, така и ќе продолжат од понеделник да играат на тениските храмови на Вимблдон, по кои газеле најпознатите тенисерки имиња и ја испишувале светската историја на тенисот.

„Немам никакви очекувања од жребот кој ќе падне. Сите се топ 100 тенисерки и ќе биде привилегија и уживање да се биде дел од главниот турнир. Најубаво без никакво размислување и желби, бидејќи така и дојдовме. Лина ќе си ја игра својата игра, а она што денеска го видовме беше нејзиниот најдобар меч во кариерата, или можеби еден од трите најдобри.“ – скромен, како и секогаш, го заврши разговорот за Макфакс тренерот на Лина, Димитар Лабудовиќ.

Прочитај повеќе: Ексклузивен разговор со Лина Ѓорческа за „Макфакс“ по историскиот успех

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK