Пол Брајтнер, легендарниот германски играч за врска и поранешен член на Баерн и Реал Мадрид, го навреди Нејмар откако бразилскиот напаѓач го напушти ПСЖ и замина во саудискиот Ал-Хилал во трансфер вреден околу 100 милиони евра.
„Почитувани Саудијци, ви благодариме што го купивте господин Нејмар, еден од најголемите фудбалери познат по својата глума. Тој е измамник. Благодарен сум што повеќе не морам да го трпам“, изјави Брајтнер во интервју за „Blickpunkt“.
Брајтнер освои 11 трофеи со Баерн и Реал и беше светски (1974) и европски (1972) шампион со Западна Германија.
Нејмар по 10 години ја напушта Европа. ПСЖ го купи во 2017 година од Барселона за рекордна отштета од 222 милиони евра.
За шест години во ПСЖ одигра само 186 натпревари. Повеќе од 100 пропушти поради повреди. Тој постигна 105 гола и имаше 76 асистенции во ПСЖ.