Пендаровски со најголема доверба меѓу граѓаните, според анкета на ИРИ

pendarovski_453534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот Стево Пендаровски има целосна доверба од 12 отсто и 26 проценти делумна доверба кај испитаниците и е политичар кому граѓаните најмногу му веруваат, покажува најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).







На второ место во оваа категорија е Никола Груевски, со 11 отсто целосна доверба, плус 19 отсто делумна доверба, а на трето Христијан Мицкоски со осум отсто целосна и 21 отсто делумна доверба.

Анкетата на ИРИ исто така покажува зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво,

Истражувањето е спроведено во периодот од 8 април до 4 мај 2023, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците, на национален репрезентативен примерок од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години.

Како што се наведува во соопштението, на прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“, што претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.

-Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина…Граѓаните на  Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Анкетата, се посочува, исто така покажа дека поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 отсто од испитаниците, се додава, се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на  Македонија, што е најниско ниво до сега, а 65 отсто не се согласиле со оваа изјава.

-Нашата анкета покажува дека помал број граѓани имаат доверба во еднакво спроведување на законот“, рече Мекарти и додава дека „лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“.

Освен ова, граѓаните на Македонија се поделени во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Така, се наведува понатаму, 28 отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, додека само 14% го мислат истото за земјата како целина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK