Како што соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР), Османи и Кери разговарале за климатските промени и нивното влијае на безбедноста и стабилноста во целиот регион на ОБСЕ.

– Ставањето на ова прашање високо на агендата на ОБСЕ ја покажува посветеноста и подготвеноста на ОБСЕ за понудување на решенија. И Северна Македонија работи посветено на справување со предизвиците што ги носат климатските промени. Со поттикнување на регионалната соработка и спроведување на заеднички иницијативи, Северна Македонија има за цел да го ублажи влијанието на климатските промени и да обезбеди сигурна и одржлива иднина за сите земји-учеснички, истакнал Османи на средбата.
Тој нагласил дека во наредниот период ОБСЕ ќе биде вклучена во спроведување на вредни проекти и иницијативи во оваа тематска област.

– Бидејќи негативните влијанија предизвикани од климатските промени ретко се ограничени во националните граници, ние мора да продолжиме со нашите напори за идентификување и надминување на заедничките закани преку засилена регионална соработка и преку развивање заеднички мерки за намалување на ризикот на терен, рекол Османи.
Како што стои во соопштението од МНР, Османи го запознал Кери и со тековните активности на проектот поддржан од ОБСЕ за заштита на Шар Планина и Корабскиот масив и се заблагодарил за американската помош наменета за спроведување на проектот.