Димитриевски: Во јуни распишуваме постапка за реконструкција на Соколанскиот парк, летниот период подложен на опожарувања – потребна стратегија за делување

димитриевски
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа брифинг за новинарите и медиумските работници, на којшто се разговараше за сите тековни активности на општината и настани што треба да се реализираат во следниот период. На брифингот, новинарите поставуваа прашања кадешто Димитриевски даде детални одговори на сите актуелни теми на локално и централно ниво.







Димитриевски, најави дека во текот на месец јуни предвидена е реализација на инфраструктурни проекти со асфалтирање на улиците „Драган Стопаревиќ“, „Народна револуција“, „Благој Илиев Гуне“, „111“ и „112“ (Рајкова куќа). Исто така, овој месец ќе бидат извршени градежни работи и тампонирање на дел од патот од Митев мост до с.Проевце, а во јуни ќе биде распишана и тендерска постапка за целосна реконструкција на Соколанскиот парк во Куманово.

Тој информираше дека на 13 и 14 јуни во Куманово ќе се одржи Регионален хаб за Западен Балкан на Мрежата на силни градови и Општина Куманово, како заедничка национална работилница, на која ќе присуствуваат градоначалници од државата. Настанот е поддржан од Стејт департментот на Соединетите Американски Држави (САД), со цел да им помогне на локалните самоуправи во зајакнувањето на политиките, програмите и структурите, зајакнувајќи го „пристапот на целокупното општество“ во справувањето со екстремизмот, омразата и поларизацијата.

Во однос на прашањата за случајот со избор за директор во ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово кадешто ист директор околу 20 години е на функција во оваа установа, Димитриевски посочи дека ова претставува еклатантен пример за кршење на статутот на градинката и во следниот период јавноста ќе биде информирана за сите правни дејствија што ќе ги преземе општината.

„Во статутот на оваа институција изрично стои дека едно лице не може да има повеќе од два последователни мандати. Согласно одлуките на министерот во следниот период, од страна на општина Куманово ќе бидат преземени соодветни правни дејствија, а по однос на писмото коешто го добив од министерот го разбирам чисто заканувачки, со цел да обезбеди реализација на личен интерес на поединци, а не заштита на јавниот интерес. Првично, ќе ги обжалиме решенијата на Министерството за труд и социјална политика, а подоцна ќе разгледаме можност за поднесување кривична пријава на министерот, бидејќи истата со вакво постапување, разрешување на поставениот в.д директор и несоодветна, нетранспарентна водена постапка за избор на новиот го има прекршено законот. За тоа ќе следува писмено информирање од наша страна до јавноста“, рече Димитриевски.

На брифингот со новинарите, тој информираше дека не само во Куманово, туку во целата држава недостасуваат поголем број на пожарникари и средства за нивно плаќање.

„Не само во Куманово, туку во цела држава според законските стандарди недостасуваат голем број на пожарникари, а уште поголем проблем е што во целата држава недостасуваат средства за плаќање на пожарникарите. Вчера, имавме комисија за финансирање при ЗЕЛС, на којашто присуствуваа претставници од различни министерства. Ги образложивме нашите аргументи, кадешто на ниво на Македонија, иако државата е должна преку Министерството за одбрана да обезбедува финансиски средства за исплата на плати на вработените во противпожарните единици, тие обезбедуваат само 50% од вкупниот износ на ниво на државата, додека останатиот износ го обезбедуваат општините од сопствените буџети. Во општина Куманово состојбата е уште полоша. Ние за оваа година имаме некаде на располагање неполни 17 милиони денари за плати коишто ни се трансферираат од страна на државниот буџет, додека од сопствен буџет имаме обезбедено некаде до 38 милиони денари за плати. Наместо парите да ги трошиме во дел на реализација на инфраструктурни проекти и да реализираме капитални инвестиции за градот, согласно ваквиот начин на уредување на противпожарните единици коишто се неминовни, тие средства ние ги трошиме за исплата на плати и надомест за делегирани надлежности. Еден од главните заклучоци на годишното собрание на ЗЕЛС беше да се побара од владата во најкус можен рок да изнајде начин да ги исплати овие средства од државниот буџет кон општините, бидејќи тоа е нивна законска обврска во делот на покривање на пренесените надлежности. Во спротивно, ЗЕЛС ќе испрати апел до сите единици на локални самоуправи да излезат заедно со противпожарните екипи на протест пред владата“, потенцираше Димитриевски.

Димитриевски, изјави дека по вчерашните поплави во Делчево го контактирал градоначалникот Горан Трајковски на којшто му понудил помош.

„Понудивме помош на општина Делчево, бевме известени дека состојбата ја ставиле целосно под контрола и сега треба целосно да се санираат последиците. Им стоиме на располагање за било каква помош, го контактирав колегата градоначалник, доколку е потребно ќе се обрати. Тоа е солидарна работа. Куманово ќе продолжи во рамки на своите надлежности да дава помош на сите околу себе.“, посочи Димитриевски.

На брифингот, тој истакна дека следува летен период во фаза на бујна вегетација кадешто почнувајќи од почетокот на месец јули, па до завршување на месецот септември, Македонија на цела нејзина територија ќе биде многу подложна за евентуални опожарувања и упати апел до државата, особено до Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување да изготват посебна стратегија како ќе се делува во следниот период.

Димитриевски, посочи дека во интерес на отворениот пристап и навремено информирање на граѓаните за сите актуелни теми, ваквите средби ќе продолжат да се практикуваат еднаш месечно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK