Тематска седница на Владата за Анализата на Светска банка за новата Рамка за партнерство со државава

vlada_345345435
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Владата одржа тематска седница посветена на Анализата на Светска банка за новата Рамка за партнерство на Светска банка со Северна Македонија. Клучната цел на новата Рамка, за периодот 2024-2028 година, е постигнување инклузивен, одржлив и зелен раст на економијата.







На седницата беа присутни претставници на Светска банка во земјава, а Анализата ја презентираа пред Владата регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју, и директорот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи. На седницата се обрати и извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсе.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Димитар Ковачевски во поздравното обраќање посочи дека денешната тематска седница на Владата со високи претставници на Светска банка и изработката на новата Рамка за партнерство помеѓу Северна Македонија и Групацијата на Светска банка е продолжување на долгогодишното партнерство, кое годинава бележи 30-годишна соработка.

-За Владата, соработката со Светска банка е од огромно значење. Поддршката што ја добиваме е силен сигнал дека чекориме на вистински пат. Претставува мотивација да продолжиме со политиките и започнатите реформски процеси. И истовремено дава сигнал кон меѓународните чинители и меѓународните финансиски пазари. Нашата јасна определба за отпочнување преговори со Европската Унија е видлива и нотирана низ документите и Предлог програмата на Банката. И нè чека многу работа и посветеност кон реализација на проектите и тимска работа во наредниот период. Заедно да ги надминуваме предизвиците, да ги искористиме можностите и да сработиме за идните генерации, рече Ковачевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, како што информира прес-службата на Владата, потенцираше дека партнерството со оваа меѓународна финансиска институција е од особено значење за натамошниот развој на нашата економија на патот кон ЕУ.

-Како Министерство за финансии, континуирано работиме, во координација со другите министерства да ја реализираме тековната имплементација на проектите, но и да продолжиме со нови проекти кои се продолжение на веќе отпочнатите реформи, а во насока на ЕУ-процесите што ќе бидат отсликани во новата Рамка/Стратегија на земјата. Банката јасно укажува дека инклузивен, одржлив, зелен раст на економијата е наш приоритет. Денес, покрај заложбите на Министерството за финансии кон реализација на нашите јасно определени приоритети како фискалната консолидација, ПФМ програмата и останатите структурни реформи, заеднички се залагаме за унапредување на човечкиот капитал, зелената агенда, инклузивно општество за сите, рече министерот Бесими, кој е гувернер во Светската банка.

Претставниците на Светска банка го потенцираа значењето на одржлив и инклузивен развој на економијата и на континуитетот на политиките и, како што е наведено во соопштението на Владата, нагласија дека Светска банка останува партнер на Северна Македонија во развојот на државата и ќе продолжи да го поддржува унапредувањето на државните капацитети во реализацијата на овие цели.

-Рамката за партнерство на земјата со Светска банка за периодот 2024-2028  ќе ги вклучи приоритетите на Владата претставени во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, којашто ги содржи и клучните реформи, заеднички усвоени со ЕУ. За успешна реализација на Програмата е важно добро дефинирање на приоритетите. Дополнително, со Светската банка се работи на Стратегија за човечкиот капитал, којашто се очекува да биде усвоена во наредниот период и којашто ќе даде придонес кон новата Рамка за Партнерство со земјава, соопшти прес-службата на Владата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK