Русија ја известила Светската здравствена организација за епидемиолошката состојба во Иркутската област, каде минатата недела почина 28-годишна лабораториска работничка од Институтот за истражување на чума, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Локални медиуми претходно објавија дека жената можеби била изложена на причинител на белодробна чума, но руските власти соопштија дека причината за смртта засега се води како „пневмонија од непознато потекло“. Кај лицата кои биле во контакт со неа не се откриени случаи на чума или други опасни инфекции.
Роспотребнадзор соопшти дека се преземени сите потребни противепидемиски мерки и дека нема епидемиски ризик за населението во Иркутск и околината.
Песков рече дека СЗО била информирана за случајот согласно воспоставената практика.