За жал, постои можност Албанија и Република Северна Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Република Северна Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи. Ова го изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој на покана на шефот на државата Румен Радев престојува во официјална посета на Бугарија. Според него, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Сега ќе дојдеме до точка дека РСМ, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека на време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати, коментира тој. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни, категоричен беше Милановиќ.
Тој коментира дека сите овие земји веќе треба да бидат дел од ЕУ, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија.
Бугарскиот претседател Румен Радев на заедничкиот брифинг со шефот на хрватската држава Зоран Милановиќ истакна дека двете земји имаат заеднички и слични односи за голем број важни прашања за регионот и Европа. Бугарија и Хрватска како одговорни и активни членки на ЕУ и НАТО имаат важна улога и одговорност за зајакнување на безбедноста, стабилноста и развојот на просперитетот во нашиот регион, рече претседателот Радев.
Двајцата претседатели го делат мислењето дека забрзувањето на евроинтегративниот процес за Западен Балкан е клучен фактор за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот. Се разговараше и за перспективите за продлабочување на трговската размена меѓу двете земји. Потенцијалот за проширување на соработката меѓу двете земји во областа на образованието, науката и културата е огромен, рече шефот на бугарската држава.
Длабоките регионални и глобални промени кои произлегуваат од војната во Украина покажаа дека има потреба од драстични мерки за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот, за развој на енергијата и подобрување на сеопфатното поврзување – транспорт, енергија, дигитална, како и за продлабочување на интегративните процеси на Западен Балкан, рече Радев. Според него, овие процеси бараат активен политички дијалог и соработка.
Многу е важно двете земји да вложат напори за зелена транзиција на нашите економии и енергетски системи, но и да го споделуваат убедувањето дека оваа зелена транзиција мора да се спроведе непречено, праведно и да гарантира прифатлива социјална цена за граѓаните, објасни бугарскиот претседател.