Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во интервју за Телевизија Телма ги претстави клучните столбови од својата програма.
Според Јакимовски на државата и се потребни коренити промени во клучните сегменти за државата конечно да биде средена.
Мора да го реформираме образованието, да имаме образование кое ќе дава знаење а не петки, второ реформи во здравство затоа што како сме тргнале за 5 до 7 години од денес надрилекари ќе не лечат, тоа е фундаментот на едно општество. Потоа реформа во гломазната неефикасна администрација. Тоа еден претседател на државата не смее да го премолчи“ порача Јакимовски.
Во делот на уставните надлежности, Јакимовски најави дека ќе постави началник на Генералштаб кој ќе биде со високо образование магистер или доктор на науки и да зборува одлично барем еден севетски јазик.
Осврнувајќи се на надворешната политика Јакимовски порача дека ќе се залага за поголема почит од страна на меѓународните партнери, додека за проблемот со Бугарија, смета дека тоа прашање треба еднаш засекогаш да се затвори во целост.
„Не сум децидно против внесувањето на Бугарите во уставот, но сум децидно за комплетно затворање на бугарското прашање. Тоа значи тој целиот пакет да се затвори. Јас и на лидерската средба го поставив прашањето: Ќе дадете ли одговор за тоа дали сме нација од 1944, или сме биле откако постоиме? Второ, дали нашиот јазик е бугарско наречје, или е посебен македонски јазик? Дајте одговор на овие две прашања, а за историските личности историчарите нека вадат документи, нека вадат докази дали некој бил Бугарин, дали бил Македонец, можеби и никогаш нема да се договорат, но тоа не може да биде услов за наш влез во ЕУ“ порача кандидатот Јакимовски.
Ако не добиеме одговори на овие две прашања, додаде Јакимовски, јас не можам да се сложам со внесувањето на Бугарите во Уставот да биде услов за влез во ЕУ.
Јакимовски се осврна и на финансирање на кампањата за претседателските избори, оценувајќи дека некои од кандидатите се очигледно фаворизирани пред останатите.
„Тие да земаат 1.650.000 евра за реклами за изборната кампања, а ние да земеме по 120.000, односно 100.000 евра за колегата Димитриевски за првиот круг и тоа се фер и демократски избори? А внатре во Кодексот се зборува за недискриминација и уште треба да бираме зборови со кои ќе се обраќаме, а тие на свое конто да имаат 1.650.000 евра? Јас како прво не би учествувал на такви нефер избори, и не можам да му се изначудам на претседателот на државата. Значи да бидеш претседател на државата 5 години, можете да замислите со какви сѐ информации тој располага во однос на сите нас. Тој на кој било дуел би требало да нѐ растури нас, затоа што тој е 5 години, како што јас суверено владеам со материјата градоначалник на општина карпош и локална самоуправа, така тој би требало суверено да владее со материјата претседател на Република Македонија. Сега, на сето тоа, земаат и огромни пари за своите реклами, за својот циркус што го прават низ Република Македонија, и уште одбегнуваат дебати, па нели е тоа дегутантно? Нели е тоа смешно? Нели е тоа потценување на граѓаните. Со ова само покажуваат дека и понатаму ќе бидат продолжена рака на партиите“ порача кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски.