Мицкоски: Расправата за бројки и проценти без суштина е навреда за жените, потребна е суштинска дебата како коренито да се подобрат правата на жените, како таа да стане понезависна

hristijan_mickoski_254535353
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Добровечер за Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,







Добровечер за најсилната женска организација политичка во Македонија,

Драги пријатели,

Почитувани гости,

Ми преставува особена чест и задоволство да присуствувам на овој величествен настан, каде го гледам потенцијалот и капацитетот на жените лидери да ја менуваат она статична слика и стереотипите за жените, коj не е само наследство на минатиот систем, туку и производ на стегите кои продолжија да стегаат и постојат по распадот на стариот систем.

Оваа енергија што денес ја гледам и чувствувам значи дека ВМРО-ДПМНЕ има силен капацитет да ги менува работите кон подобро. Решителни жени, секоја лидер во областа каде делува да го даде својот придонес кон вредностите во кои веруваме.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е организацијата која 19 години се гради, развива, која фаќа чекор со предизвиците на новото време. И во тие бурни времиња свој придонес има секоја членка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и со овие предизвици денес силно и успешно се носи Жаклина Пешевска, жена борец, мајка, сопруга, пратеничка која покажува дека има тим кој може да понуди решенија за нашето општество соочено со толку многу проблеми и тешкотии. Жаклина, ти и Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе ја имате мојата поддршка, мојата енергија на вашата страна во справувањето со сите искушенија кои ги има македонската жена, македонската мајка, македонската сопруга, работничка, македонските хероини.

Унијата на жени мора да остане да биде најсилниот акцелератор на промените кои доаѓаат и кои се неопходни. Да биде силата на победата која мора да дојде, за да Македонија се исправи. Триумфот и победата над неспособната власт која ќе се случи на избори и која ќе биде победа на секоја  жена обесправена од секој агол, од секое населено место во Македонија. Во нивно име ја водиме оваа битка, и треба да се знае дека сме на чекор на големите промени кои треба да не доведат до големата победа.

Таа победа треба да ја донесе иднината за која сонуваме. Тој сон пак е Македонија силна држава на слободни индивидуи ослободени од сите стеги и ограничувања, Македонија на креативна енергија, Македонија на правда и правичност. Македонија на силни жени кои се додадена вредност и се гласот на тивкото мнозинство жени чиј глас сега е ставен настрана.

Драги пријатели,

Нашата борба мора да биде постојана. Истрајна, со многу енергија и верба во работите што знаеме дека се наши, заслужени и неопходни.

Во таа борба не е неважно какви се нашите почетоци и колку се цврсти нашите темели.

Затоа остануваме верни на идеалите на нашите предци, ја почитуваме традицијата на македонската жена која била стожер, била борец, била грамадна карпа над сите животни предизвици. И секоја болка била победувана со храброст, секоја тага била надминувана со надеж, и секој навидум неуспех бил паузата до следната победа.

Впрочем денешните темели на борбата на македонската жена се изградени и од делата и жртвата на сите македонски мајки, знајни и незнајни имиња и животни судбини олицетворени меѓу другото и од писателската рака на Прличев во ликот на мајката Неда, од Сердарот.

Таа љубов и саможртва која е дел од секое камче од мозаикот на нашето постоење.

Силата на жените е во взаемната поддршка!

Денес и секогаш потоа тоа мора да биде со личен пример и конкретни дела, така мора да ги рушиме стереотипите и промовираме различност. Да ги менуваме работите кои жената неоправдано ја оковуваат во портретите на деградирачките умови како слаба, наивна, или не доволно способна. Затоа што вистината е сосема спротивна на сето ова.

И нашата денешна борба не е исклучена од секојдневието кое го живееме и мораме да имаме чувство за времето во кое делуваме.

Нашата борба мора да ги опфаќа и оние жени во фабриките чиј труд се искористува и е недоволно платен, оние самохрани мајки кои се жртва на системот кој не ги брани, оние жени кои страдаат од мобингот кој не се казнува, сексизам и шовинизам кој се глорифицира и ни се продава како модерен поглед на работите, оние жени на кои системот им вели дека немаат право на заштита, затоа што моќните го прават тоа што можат. Знајте дека вашата судбина е и наша задача во борбата да ги смениме работите на подобро!

Одговорот на сите овие предизвици мора да бидат решенија кои ќе ги надминат проблемите.

Знаеме како да делуваме и храбро и брзо, знаеме како да обезбедиме нови работни места, да поставиме темели за нов раст и напредок, за нови победи, за победа над стравот. И најважно знаеме кои сме и колку можеме, заедно, силно, мудро и обединети.

И важен е ставот, важно е да бидеме гласни, за да го победиме шумот, за да ги поведеме и оние кои што се неодлучни и се колебаат, а сите тие пак ни се потребни.

На политичката сцена во Македонија се потребни многу повеќе храбри, мотивирани и општествено освестени жени. Само активното учество во креирањето на политиките за развој и просперитет на Македонија е најдобриот одговор на пасивноста која го одзема она што ни е најважно, правото да се слуша нашиот глас.

Тоа што живееме во континуиран страв и тоа што Македонија по сите параметри назадува, нема да дозволиме да ги намали очекувањата од тоа што треба да го постигнеме. Предизвиците пак со кои што сме соочени се сериозни и многубројни, но ние знаеме како да ги совладаме.

Преку вас треба да се чуе гласот на обесправените, на исплашените, но и на храбрите кои недоволно се слушаат, на оние кои имаат цели.

Подаваме рака. Животните премрежја на обесправените, повредените, угнетените, ќе ги пребродиме со заеднички заложби. И ви велам дека има надеж и доаѓа сигурна победа над сите овие проблеми и маки кои ги живее нашиот народ. Ни треба самообединување. После големата историска победа на локалните избори верувајте сме пред уште една историска победа, а тоа е на следните претседателски и парламентарни избори. Но, однос ќе зависи колку таа ќе биде голема, колку таа ќе биде силна, затоа што нас ни треба голема и силна победа за да не биде ВМРО-ДПМНЕ и Македонија предмет на уцени. Да може ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните да ја води просперитетна, силна, стабилна и економски развиена Македонија. затоа ни е потребно обединување, на секоја клетка обединување.

Драги пријатели,

Хаосот кој го има во секој сегмент од општеството се пресликува и во областа на заштитата на правата на жените. Кога нема суштина и сериозна и искрена заложба за подобри права, генерално битката на власта се одвива во два правци.

Едниот е занимавање со проценти.

Па така се натфрла со бројки на задолжително присуство по институциите, и како по правило оние од владата кои најмалку се грижат за женските права натфрлаат како од ракав, со највисоки проценти на задолжително учество. Притоа забораваат дека диригентската палка на водењето на државата е во нивни раце речиси 6 години и можеа да носат решенија какви сакаат. Притоа да не се разбереме погрешно, јас не сметам дека следењето на европските искуства и разговорот за зголемено учество на жените во политиката е погрешно, но тоа не смее да се сведе на гола реторика на проценти и некакви квоти без суштински напори за реално подобрување на состојбите со женските права како сега.

Затоа што чисто лицемерие е министрите и премиерот да зборат за проценти и квоти, и демек така се грижеле за жените, додека државата е најголем произведувач на мобинг без ниту една добиена тужба и расветлен случај за мобинг или пак со 12 часа работа на жените по некои текстилни конфекции чии газди се блиски до мафијашката владејачка каста.

Таквото лицемерие не е прифатливо. Расправата за бројки и проценти без суштина е навреда за жените. Потребна е суштинска дебата како коренито да се подобрат правата на жените, како таа да стане понезависна и отпорна на притисоци и потиснувања кои сега државата ги произведува.

Вториот погрешен правец кој го трасира владата е следењето на еден лажен мејнстрим кој ни го продава пакувајќи го како некаква реформа во подобрувањето на правата на жената при што всушност станува нејзин најголем негатор, истовремено подривајќи ги основите на кои се гради нашето општество, а тоа е семејството.

Ќе стават во учебниците фотографија или некаков натпис од кој треба да учат најмладите за исто полов брак, притоа образложувајќи дека тоа е новото нормално. Кога немаат суштина ќе се занимаваат со лоша пропаганда. За да го одвлечат вниманието од секојдневните кражби и порази кои ги нижат, а притоа подривајќи ги темелите на нашето опстојување како општество. Веднаш лепат неоправдана етикета дека противењето е чиста заостанатост и ретроградност, што воопшто не е така.

ВМРО-ДПМНЕ држи до своите конзервативни вредности, затоа што идеологијата е таа која ги составува темелите кои се отпорот против сите потреси и бури. За ВМРО-ДПМНЕ семејството како заедница на еден маж и една жена кои споделуваат грижа за децата е природна форма на заедница. Не постои вистинска алтернатива на семејството.

Во семејството се очовечува детето. Семејството има исклучително важна функција во општеството. И семејството како фундамент на општеството мора да ужива посебна заштита. Притоа уважувајќи ја целата заштита и улога на жената поединец во изградбата на нашето општество.

Драги пријатели,

Еден министер од владата им одговори на новинарите дека не бил дете, па се што прашуваат тој да им одговора. Таков е односот на министрите кон медиумите, но проблемот не е до новинарите туку што цела влада се однесува како детска градинка или некоја група во предучилишна возраст. Таков им е и криминалот, лесно препознатлив, дрзок, разголен.

Зошто ова го зборувам? После неколку дена откако упатив јавна порака до Димитар Ковачевски да дебатираме за договорот за градба на делови од Коридорот 8 и 10 Д со кој сопствената држава јасно ја ставија во подредена позиција, оттаму добив целосен молк. Бега од народот на избори, бега од мене пред јавноста да се соочи за договорот од неколку милијарди евра кој тој го договори… Бега не само затоа што е кукавица, туку затоа што нема одговори за тоа дека како премиер доброволно прифати работниците од својата држава да работат повеќе часови за да се полнат џебовите на надзорот, премиер кој се согласил легалните и дивите објекти подеднакво да се обештетуваат, законите од правниот систем по кој тој работи да се суспендираат, премиер кој плаќа стотици милиони евра за аванси и пенали на приватна компанија која ја договори без тендер и во 4 очи. Еве на ова нема одговор.

И нека не се плаши од соочување, порано или подоцна ќе се случи тоа. Еве ќе му дадам уште една можност, уште една предност, на таа дебата нека го донесе и вистинскиот премиер Али Ахмети, и било кој министер кој смета дека му е потребен. Јас сам ќе дојдам, тој ако му е страв сам, нека дојде со цела влада. Но, важно е да дојде на дебата за да види народот кој што крие и кој е во право…

Како беше она? Стани Ковачевски не се криј во глувчешка дупка, прифати дебата. На медиум кој ти сакаш, со цела влада која ти ја сакаш. Стани да те види цела јавност како се краде Македонија. Каков срам и тешка судбина им носите на сите кои живеат во оваа наша Македонија.

И врвот на хипокризијата е што ставаат и европски знаменца на законите за градба на овие делови од коридорите. Значи решија и да крадат во име на ЕУ. Додека полнат џебови јавноста да мисли дека тоа има врска со Европската интеграција на Македонија.

Европска вредност ли е работниците да ги терате на повеќечасовна од со закон дозволена работна недела и со Устав потврдена? Европска вредност ли е да плаќате стотици милиони евра пенали и аванси на уште не фрлена лопата.

И ова е класичен, многу точен пример за тоа како ја злоупотребуваат Европската Унија.

Токму за ова мислев, кога јавно говорев дека, кога зборат за ЕУ тогаш највеќе крадат, затоа што таа тема ја користат за да го дефокусираат вниманието од сопствените незаконитости.

Се распрсна како меур од сапуница дека биле некаков европски фронт и сите оние лаги како ВМРО-ДПМНЕ била анти ЕУ. Тие всушност се фронт за криминал против иднината на Македонија.

Затоа на купче ќе бидат жестоко поразени. Но, почитувани пријатели, тоа не е доволно. Не е ова битка само да ги смениме, туку и да одговараат. Големиот брат во криминалот ДУИ и помалиот изведувач СДСМ.

Треба да има одговорност и нема да се смирам додека нема правда за неправедниците за оние кои ја пијат крвта на народот и се збогатуваат на неговата мака.

За ова го имате мојот збор.

А маката на народот ја гледаме и при посетите од акцијата Ова е Македонија.

Инфлацијата во Македонија е ДВОЈНО ПОВИСОКА од просечната инфлација во Европа.

Минатата 2022 година не ја завршија близу 7. 000 компании кои ставија клуч на врата. 47 илјади работници не земале плата.

Половина милион наши сограѓани живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден, а над 33.000 лица живеат во екстремна сиромаштија. Само во текот на минатата  година во сиромаштија донесени се 20.000 дополнителни лица, од кои 5.000 нови сиромашни деца.

Секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%

Во Македонија се случува масовен егзодус на населението. Повеќе од 40% од Македонците би се иселиле од државата, покажуваат најновите резултати на глобалното истражување на Галуп… ова се делата и резултатите на двоецот СДСМ-ДУИ кои ја разградуваат секоја шанса на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, и сите останати.

Кастата на власта, кликата која владее не сака да ја види вистинската слика за реалноста во која живее народот.

А тој плач, тој плач пак го слушаме слушаме насекаде. И затоа губат драматично на рејтинзите и затоа ќе ги победиме на изборите.

И тоа е извесно, многу очекувано. Но внимавајте, сакам да испратам неколку јасни пораки.

Прво најважно од се е да излезете на избори. Да се вклучите во политиката затоа што само така од внатре, лично со вашиот глас и со вашата рака ќе ги менувате работите. Одѕивот мора да биде голем, разликата да биде што поголема и јасна. Седењето дома и прифаќањето на тезата сите се исти или нека излезат другите јасно е дека ќе се смени власта само им го ублажува поразот, што секако одзема од енергијата на промени која мора да биде голема за да бидат и промените ефикасни.

Второ, важно е да излезете на изборите и одѕивот да биде голем за да ја пратиме ДУИ во опозиција, а политичките криминалци да одговараат. Да го поразиме поголемиот брат од истата оваа коалиција која толку многу ја криминализира Македонија веќе 20 години по ред.

Трето, не верувајте на оние кои имаат задача да имаат цврста реторика и да бидат платена опозиција. Секогаш кога ќе оди ВМРО по десно или по остро, тие само на зборови да одат подесно од ВМРО-ДПМНЕ и поостро. Секогаш без дела да го разјадуваат националното ткиво или слабеат нашата борба бивајќи спотери, спаринг партнери во битката на СДСМ и ДУИ против ВМРО-ДПМНЕ. Таквите инсталации се заинтересирани за својот комодитет и лична кариера, а најмалку за Македонија.

Обединети, сложни да излеземе и да го кренеме нашиот глас за промени, иднина и подобра Македонија.

Само така ќе имаме чиста и јасна победа, енергија за градба на Македонија во која веруваме.

Само силна и масовна поддршка може да не доведе до енергијата која ќе го оствари заедничкиот патриотизам и иднината која ја заслужува секој еден човек.

Ова е Македонија и таа мора да биде за сите.

Заедничкиот патриотизам е надежта и сонот за Македонија која ќе обезбеди еднакви можности секој да се развива според своите квалификации и способности. Држава која ќе обезбеди работа за невработените, сигурност за оние кои се на удар од предизвиците на сегашноста, закрила пак на слабите. Солидарност во која мораме да веруваме.

Заедничкиот патриотизам ги руши ѕидовите на омраза и поделби. Ги остава зад себе оние прашања кои толку многу не мачат и делат овие 32 години. 32 години независност од кои видовме само болка и страдања. Заедничкиот патриотизам е борбата за убав живот, живот на институции кои функционираат за сите, систем кој нуди шанса за сите. Македонија која нуди заштита за сите.

Македонија на заеднички победи и реформи. Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна шанса за секого. Македонија во која одлучувате вие. Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност. Која дава рака на секој еден кого системот го оттурнал и ставил на страна.

Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците. Македонија на христијаните, на муслиманите, на атеистите.

Македонија на работниците, на невработените кои мора да се вработат, на докторите, на професорите. Македонија на умните и мудрите.

Ова е Македонија на народот кој знае кој е. Кој знае што е и каде треба да биде.

Македонија на народот кој е посилен од секоја елита, клика и група која нè влече надолу.

Од сите вас драги пријатели, драги сестри, зависи каква ќе биде иднината. Овој пат треба да се приклучите, овој пат е важно да учествувате за заедно да ги менуваме работите. Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.

Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени настрана овие повеќе од 30 години.

Шанса за заедничкиот патриотизам во кој веруваме.

Ова е Македонија на заедништво и нов заеднички патриотизам на рамноправни.

Нашата борба е за европски вредности базирани врз меѓусебно почитување и самопочит.

Нашата борба е вредности, идеал и кауза.

Нашата борба е да ја обновиме Македонија.

Промените да победат, за заедничка иднина!

Ова е незапирливата сила на народот.

Ова е Македонија! Македонија за сите!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK