Вработените на Токсикологија во одбрана на Беќаровски: „Тој е врвен професионалец, зад изјавата стојат лица кои не се вработени на клиниката“

toksikologija-204505.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Вработените на Клиниката за токсикологија преку писмо застанаа во одбрана на нивниот колега, Нико Беќаровски, за кој претходно Министерството за здравство предводено од Илир Демири, сподели изјава дека наводно, навредувал Албанци.

Вработените се уверени дека наводите од изјавата не се вистинити, а за познатиот докотор имаат да кажат се’ најубаво.

„Ние, Вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со Изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против албанци од Проф др Нико Беќаровски.

Најостро реагираме и ги демантирамо информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страни на Проф.др Нико Беќаровски не се упатени.

Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа“, се навдува во потпишаната изјава.

Претходно и докторот Беќаровски најави тужба на инволвираните лица и во целост ги отфрли тврдењата дека ги навредувал Албанците на национална основа.

На сето ова претходи што пред речиси еден месец на прес-конференција доктори од Клиниката за токсикологија објавија дека економската директорка Бесија Илјази не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование. Вработените тврдат дека Илјази, спротивно на решението на ДСЗИ, кое изречно забранува присуство на невработени лица на Клиниката, ги поттикнува да доаѓаат на работа сите оние на кои им е истечен договорот.

Нико Беќаровски тогаш рече дека едниот од овие лица со истечени договори, кој работел како болничар, вршел притисок врз лаборант – барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.

За образованието на Илјази лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето јазици, со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски тогаш рече дека се обидел да комуницира со неа на англиски јазик. Заклучокот беше дека со неа немаат комуникација.

Министерот за здравство Илир Демири, вчера го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, а наводно и тој, според министерот, ширел говор на омраза на етничка основа, додека Илјази ја задржа на функцијата. Вработените и за обвинувањата за Петревски рекоа дека се невистинити, неосновани и недокажливи. Тврдат дека е чиста шпекулација, нарачана од поединци и реализирана преку новинар, кој во 2 часот по полноќ си дал право да упаѓа на клиниката.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK