Во важечкиот Изборен законик, со прочистен текст во март оваа година, во делот на свечената изјава стои Македонија, а не Северна Македонија.
Професорката по уставно право и политички систем, Тања Каракамишева, на социјалните мрежи го објави делот од Изборниот законик со коментар дека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, го кажала името на државата во свечената изјава, онака како што стои во текстот.
„Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што Претседателката на Македонија Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова требаше да го каже во својата заклетва, и го кажа“, пишува Каракамишева.
Во членот 123 стои: „Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“.
Вчера, претседателот на Собранието Јован Митрески, во читањето на текстот на свечената изјава, државата ја именуваше Севрена Македонија, по што Силјановска повторуваше, но без делот „Северна“.
Грција и ЕУ реагираа дека уставното име мора да се почитува, во согласност со Договорот со Грција.