Во првите два месеца извозот зголемен за 10.2, а увозот намален за 1.5 отсто

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република  Македонија, во првите два месеца од годинава, изнесува 1 339 941 илјада евра и бележи пораст од 10.2 % во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, пак, изнесува 1 763 707 илјади евра, што е за 1.5 % помалку од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари − февруари 2023 година, изнесува 423 766 илјади евра, а покриеноста на увозот со извоз е 76.0 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари − февруари 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.