Со власта на ДУИ и СДС здравството е во колапс. Никогаш не било полошо. Затоа е потребен целосен рестарт и подобрување во три клучни сегменти во здравствениот систем, ефикасност, ефективност и економичност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од врвните приоритети, според нив, е инвестирањето во здравствената инфраструктура.
„Завршување на Клиничката болница во Штип, која што треба да прерасне во универзитетска клиничка болница ќе биде столб на здравството во источна Македонија. Кадровски и инфраструктурно ќе се инвестира во регионални болници со цел доближување на медицинските услуги до граѓаните. Модерен Клинички центар ќе биде целосно заокружување на здравствениот систем во Македонија и обезбедување на функционални здравствени институции“, појаснуваат од оваа партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, дополнително ќе се инвестира во кадровскиот потенцијал на вработените во здравството, со едукација и обуки во еминентни здравствени институции и искуства од странство. Како што дополнуваат, ќе се овозможи и вработување на најдобрите студенти и талентирани ученици од медицинските факултети и медицинските училишта.
„Време е за промени. Важно е оваа власт на ДУИ и СДС и нивната катастрофална политика во здравството да бидат поразени. Важно е граѓаните да добијат ефикасен здравствен систем“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.