Бојан Маричиќ како вицепремиер за евроинтеграции да каже што е европски во злоупотребата на државно возило и шофер за партиски активности, прашува утрово ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, oткако дел од медиумите вчера објавија дека Маричиќ дошол со службен автомобил за да се потпише за кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател.
Од партијата порачаа до СДС и Маричиќ да кажат дали министрите на земјите членки на ЕУ и функционери од Унијата злоупотребуваат државни ресурси за партиски цели или тоа е само пракса на СДСМ и Маричиќ.
„Додека СДС и Маричиќ се правдаат, очекуваме ДКСК да не молчи на злоупотребите на Бојан Маричиќ и да поднесе пријава против него за злоупотреба на службено возило за партиски и приватни цели. Маричиќ во неработен ден беше фатен од страна на медиумите како користи службено возило, со кое е однесен до Подрачна единица на ДКСК каде го дал својот потпис за Пендаровски. Маричиќ користи шофер и возило во неработен ден, згора на тоа за партиски активности“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што додаваат, возилото и шоферот на Маричиќ се платени од државни пари, парите кои граѓаните и компаниите ги уплаќаат во буџетот за функционерите да извршуваат државни работи од корист за општеството, а не за полесно да извршуваат партиски позиции.