За студентите во Скопје се подготвува дигитална студентска превозна картичка за користење на бесплатниот јавен превоз, информираше претседателот на Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Ристески.
Подготовките се во завршна фаза, а решението се реализира преку соработка меѓу ЈСП, ФИНКИ, УКИМ и Универзитетот „Мајка Тереза“.
Студентскиот статус ќе се потврдува автоматски преку размена на податоци меѓу ЈСП и универзитетите, без потреба од доставување хартиени потврди и лично одење на шалтер. Картичката ќе биде достапна преку апликацијата SkopjeBus, а при патување ќе се користи QR-код од мобилниот телефон.
– Време е институциите да го преземат својот дел од работата и меѓусебно да ги разменуваат податоците што веќе ги поседуваат. Поддршката за младите се покажува и преку способноста да се реши проблем што тие го посочиле, изјави Ристески.
Студентите дополнително ќе бидат известени за почетокот на примената и начинот на активирање на дигиталната картичка.
– Помалку време пред шалтери значи повеќе време за предавања, испити и личен напредок. Токму тоа треба да им го овозможиме на студентите, порача Ристески.