Околу 180.000 пензионери во Македонија имаат под минимални примања и со овие пари се оставени да преживуваат од 1ви до 1ви следниот месец, вели техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски кој денеска се сретна со пензионерите од Кичево и Гостивар.
„Колку луѓе имаме пензионери во Македонија кои што примаат пензија под 20.000 денари“ ми беше првото прашање кога стапив на функцијата технички министер на 29 јануари. Од податоците коишто ги добив имаме такви пензионери со примања од 20.000 денари околу 340.000 пензионери. 180.000 пензионери или повеќе од половината од овие, или веќе 55-56% земаат под минималната плата и претпоставувам дека најголемиот дел од вас присутните денес спаѓаат во оваа категорија на граѓани коишто ете за жал сте под некој минималец и преживувате со таа пензија. Од друга страна пак, потрошувачката кошничка за живот е 57 илјади денари за четиричлено семејство, а вие со вашите 20.000 денари треба тројца пензионери да има во една фамилија или тројца да работат за да стигнеме до потребната сума за основни работи од потрошувачката кошничка, изјави Велковски.
Министерството за труд и социјална политика преку директна комуникација со пензионерите ги слуша нивните проблеми и барања и ќе изготви системски решенија на коишто ќе настапи со имплементација веднаш по изборите на 8 мај. Според Велковски, станува збор за реални проблеми на коишто пензионерите секојдневно укажуваат уште од август минатата година кога ги започнаа протестите.
„Суштината на посетите не е да дојдам јас да кажам два збора, и потоа да ги заборавиме дадените ветувања. Она што јас си го поставив како обврска уште од првиот ден кога стапив на функцијата технички министер е дека ќе се потрудам да се видам со секој еден пензионер и да ги слушнам вашите проблеми и барања. Вие како столбот на ова општество за првпат после 1945 година излегувате на протест. Знам дека имате реален проблем, а тоа го знаеме и од дома бидејќи и јас имам баба и дедо коишто исто земаат по 13-14.000 денари пензија како и вие“, посочи Велковски.