Не се само уставните измени услов за Скопје, туку и Договорот за добрососедство и двата Протокола. Ова го истакна шефицата на бугарската дипломатија, Марија Габриел.
„Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година, Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“, рече Габриел прашана што се случува со преговарачкиот процес на Македонија за присоединување со ЕУ, дали земјата го почитува тоа што е побарано од неа, и каков е ставот на Бугарија.
Габриел го даде одговорот на седница на собраниската комисија за прашања на Европската унија, Шенген зоната и еврозоната.
„Ако има тешкотии со уставните измени, каков е напредокот по останатите теми? Вистината е дека направивме две технички средби – една во јули во Софија, една во октомври во Скопје – и за жал, утврдуваме дека по нив нема напредок“, рече Габриел.
Габриел наведе дека Бугарија изразила многу јасна позиција пред целата Европска Унија, и дека заштитата на малцинствата е критериум за почеток на преговори, на исто рамниште со критериумите за административна и судска реформа.
„Кога сакаш да бидеш член на ЕУ треба да ги исполниш обврските што ти самиот си ги презел“, наведе Габриел додавајќи дека Бугарија немала билатерален проблем со Северна Македонија, туку во име на заедничкиот европски интерес му укажувала на Скопје што значи да сакаш да бидеш членка на ЕУ.