УНИЦЕФ повикува на итни активности за поддршка на менталното здравје на децата во училиштата

UNICEF
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претставници од УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, денеска имале средба со тим од професионалци и експерти за ментално здравје за да разговараат за итни активности коишто ќе обезбедат дополнителна поддршка на децата во последните шест недели од оваа учебна година. Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје информира дека состанокот бил организиран поради загрижувачката вест за сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност и страв.







Според истражувањата на УНИЦЕФ, има сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност. Професионалците и експертите присутни на состанокот потврдиле дека анксиозноста и стресот кај децата се зголемени, особено по неодамнешниот бран закани со бомби во училиштата во земјава и откако беа изложени на вести за трагичниот настан во училиштето во соседна Србија.

-На состанокот се постигна согласност дека е потребно вклучување на целото општество за да се овозможи училиштето да остане безбедно место за сите деца и за да се обезбеди советување и поддршка на децата во сите услови, нагласувајќи дека е неопходно во следните недели да се преземат итни дејствија, соопшти УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ, потребите за поддршка на менталното здравје на децата и младите не смеат да се игнорираат и потребна е дополнителна и итна поддршка на менталното здравје на децата и младите во училиштата.

-За оваа цел, УНИЦЕФ ги повикува раководствата на училиштата да се погрижат стручните соработници, односно психолозите, педагозите, специјалните едукатори и другите да бидат целосно посветени во обезбедување поддршка за децата и колегите во последните шест недели од учебната година. Дополнително, кога се работи за прашања кои ги засегаат децата, најдобриот интерес на сите деца мора да биде во фокус на секоја одлука донесена од страна на заедницата и Владата. Меѓу другото, одговорноста за идентификување и поддршка на децата кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје мора да остане во доменот на работа на стручниот кадар и товарот за идентификување и пријавување проблеми не треба да падне врз децата, се наведува во соопштението.

УНИЦЕФ, исто така, ги повикува јавноста и медиумите да промовираат превенција и ресторативен пристап во справување со прашања поврзани со насилство меѓу деца, наместо казнени мерки и политики, но и да се воздржат од користење терминологија која поттикнува стигматизација кога станува збор за деца.

За спречување на сите форми на насилство и справување со предизвиците поврзани со менталното здравје, наведува УНИЦЕФ, потребно е вклучување на целото општество и користење пристап кој се фокусира на превенција, градење отпорност, промовирање добросостојба и обезбедување специјализирана поддршка тогаш кога е потребна.

-Ова вклучува родителите да имаат пристап до програми за родителство; училиштата да овозможат безбедна и поттикнувачка средина за учење и децата да имаат пристап до услуги и поддршка за ментално здравје; а посебни услуги да бидат достапни за сите деца на кои им е потребна специјализирана поддршка, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ.

Посочува и дека се подготвени да ја поддржат Владата на Македонија и сите други релевантни партнери во нивните напори за справување со сите форми на насилство и предизвици со менталното здравје со кои се соочуваат децата и младите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK