Во 2022 година Љупчо Николовски прави директен упад во системот, односно по прецизно прави паралелен систем со тоа што преку министерството носи програми со кои директно го дерогира системот кој е законски востановен во рамките на ЕУ, и покрај тоа што овие програми се во надлежност на Платежната агенција.
Повторувам дека Платежната агенција е орган која врши исплата на финансиски средства на претходно распишани јавни повици по програми, но Николовски си носи свои нови Програми преку министерството со кои врши исплата на огромни сума на пари.
Само во 2022 година исплатени се над пола милион евра или поточно на 59 апликанти им се исплатени по 10.000 евра, или вкупно 590.000 евра, додека во 2023 година на 86 апликанти за мали винарии исплатени се средства во висина од 800.000 евра, во 2023 за програмата вински дестилати исплатено е на 12 апликанти во вредност од 56.000 евра, и истата 2023 година по програмата за неживотинско на 113 апликанти исплатени се финансиски средства во висина од 1.100.000 евра, истакна на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски дополнителен министер за земјодество, шумарсво и водостопанство.
Најсимптоматично во целиот овој процес, според него, е тоа што еден од лицата на три члена комисија која давал согласност кои правни и физички лица да добиваат финансиски средства преку МЗШВ е тогашниот претседателот на партиската комисија за земјоделство од СДСМ, Гоце Георгиевски.
Како што појасни, Георгиевски како еден од членовите на комисијата имал задача да го прави изборот на корисниците на овие програми, да ја следи нивната имплементација и да врши контрола. Но, до денеска не постои документ дека е извршена било каква контрола, ниту дали се имплементирани средствата кои што се земени од страна на државата.
Втор спорен момент е тоа што Георгиевски бил тој кој што одлучува, а истовремено бил партиски претседател на комисијата за земјоделство на СДСМ, и тоа е што при изборот на корисниците нема воспоставен никаков систем на критериуми, односно како се распределувале средствата и на кои лица, единствен услов бил прв дојден прв услужен, што законски не смее и не може да биде услов за добивање на финансиски средства од државата.
Третиот спорен момент, според Трипуновски, е што во 2023 година фирмата Агростратус на таткото на Гоце Георгиевски кој е раководител на сектор за рурален развој во МЗШВ каде што се објавуваат овие програми, добива согласност за добивање на финансиска поддршка.
„Од првиот документ кој што го имам денес со мене е решение за распределба на средства на корисници за јавен повик број 14-1360/5 од 03.03.2023 каде што стои и името на фирмата на која што е сопственик неговиот татко, а дополнителниот документ е овој документ каде што се докажува дека истата фирма била комплетна за да добие средства од самото министерство.
Само за споредба иста таква фирма за мала винарија „ЃИ ЕМ ЕН“ од Кавадарци, се одбива уште на самиот почеток. Но, не и фирмата на таткото на Георгиевски, фирмата „Агростратус“.
Со ова само се потврдува дека Николовски овие програми и овој упад во системот го направил само за делење на државни пари на партиски лица и лица блиски до власта.
Мора да има целосна истрага, случај по случај да се види како е можно едно семејство, односно двајца сопружници да добијат финансиска помош од по 10.000 евра, а другите да се одбиени? Како може услов за добивање на државни пари да биде единствениот критериум прв дојден прв услужен?
Како може да се поделени 2.5 милиони евра државни пари, а да нема никаква контрола?“, прашува Трипуновски.
На владата на СДСМ, како што вели, им е полна устата со проевропски вредности, но, прашува, во која друга држава се дерогира системот само за да се поделат 2.5 милиони евра без притоа да има соодветни критериуми или да има соодветна контрола кој и зошто добил финансиски средства?
„Јас не сум против малите производители на храна и малите семејни винарии, кои во иднина сериозно ќе ги поддржиме, но сум против лагите, криминалот и делењето на државни пари по партиски клуч“, потенцира тој.