Министерството за транспорт реагираше на споредбите во јавноста околу цената на новите електрични автобуси, тврдејќи дека постапката за набавка била јавна и транспарентна, спроведена согласно Законот за јавни набавки и отворена за сите понудувачи.
Според Министерството, на електронската аукција била постигната единечна цена од 321.958 евра без ДДВ за автобус.
Оттаму посочуваат дека при споредување на цените мора да се земат предвид техничките карактеристики на возилата, меѓу кои должината, капацитетот, погонот, системите за безбедност и опремата.
Како што наведуваат, автобусите што се набавуваат се целосно електрични, со автоматски регулиран систем за ладење и греење, електромотор со максимална моќност од најмалку 350 kW, екрани за прикажување на станиците и линиите, три врати, платформа за лица со попреченост и современи системи за кочење и безбедност.
Министерството оценува дека споредбите со автобуси на компримиран природен гас се несоодветни бидејќи станува збор за возила со различен погон и различни технички карактеристики.
„Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси“, наведуваат од Министерството, додавајќи дека во постапката бил избран најповолниот понудувач.
Според нивните податоци, новите електрични автобуси ќе имаат најмалку 33 седишта и вкупен капацитет од 67 патници, додека автобусите на компримиран природен гас со кои се правеле споредби имале 29 седишта.
Од Министерството како пример го посочуваат и Загреб, каде што се набавени 62 електрични автобуси за речиси 56,8 милиони евра, додека македонската набавка опфаќа 150 автобуси и 75 полначи со вкупна вредност од 59,9 милиони евра.
Министерството наведува дека набавката треба да придонесе за намалување на трошоците за енергија и одржување, подобрување на јавниот превоз и намалување на аерозагадувањето.