Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше во работна посета на полициските станици за граничен надзор Танушевци и Блаце кои се надлежни за контрола и надзор на дел од северната гранична линија кон Косово.
Во рамки на посетите министерот Тошковски се запозна со состојбата на објектите од аспект на материјално-техничка опременост, а со командирите и полициските службеници вработени во овие организациски единици разговаше за нивната тековна работа, проблемите и предизвиците со кои се соочени со размена на мислења за можни решенија на истите.
„И двете полициски станици се соочуваат со недоволна пополнетост од аспект на човечки ресурси и недостаток на моторни возила кои им се неопходни за успешно извршување на нивните задачи, имајќи ја предвид специфичноста на подрачјето кое го покриваат. Всушност, во овие објекти со години наназад воопшто не било инвестирано, а специјалните возила кои се опремени со соодветни камери за надзор на подрачјето подолго време не се сервисирани и се оставени надвор од употреба, со што индиректно е загрозена безбедноста на граничната линија за која се надлежни.“, истакна министерот Тошковски.
На крајот на средбите, беа донесени неколку заклучоци од аспект на можни решенија на дел од проблемите а од страна на министерот беше потенцирано дека ќе се преземе сѐ што е можно во овој период, имајќи ја предвид техничката природа на моменталната Влада и ограничувањата кои таа ги носи, а од нивна страна беше изразена благодарност што за првпат се посетени од еден министер.